Положено цвеќе пред споменикот на бранителите во Крива Паланка, одржан меморијалниот турнир во нивна чест

spasovski_2343243232
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денеска во Крива Паланка беше положено цвеќе пред споменикот на бранителите, а се одржа и меморијалниот турнир во мал фудбал, организација на Македонскиот полициски синдикат и Полициската станица од Крива Паланка, со здружението на бранители „Херои на Македонија“ и поддршка од Општина Крива Паланка, во чест на 22 години од загинувањето на бранителите.

Чествувањето почна пред спомен-обележјето на загинатите бранители Момир Стојановски, Јане Јакимовски и Горан Стојановски-Гацо каде беше положено цвеќе од страна на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, командирот на СВР Куманово, Бранко Ракиќ, членови на семејствата, бројни делегации од МВР здруженија и институции.


Турнирот во мал фудбал се одржа во спортската сала „Бранители 2001“, а официјално го прогласи за отворен министерот Спасовски.

– Традицијата им дава вредност на спомените да останат бесмртни. Овој меморијален турнир ја има токму таа возвишена цел, да се потсетиме на ликот и делото на оние што некогаш беа со нас, се смееја и тагуваат со нас, кои храбро и достоинствено ги положија своите животи за нас, за татковината, нашите другари, соборци, колеги. Им оддаваме должна почит бидејќи нивната загуба, која не може да се надомести, но со овие настани покажуваме дека никогаш не смееме да заборавиме комушто му должиме, а тој долг нè обврзува да тежнееме да бидеме подобри и подостоинствени луѓе, рече Спасовски.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека споменот на бранителите на татковината, на сите македонски херои, но и на хероите од Крива Паланка, Јане Јакимовски, Горан Стојановски и Момир Стојановски, е вечен.

– Годините што изминуваат не ја намалуваат болката по изгубените македонски синови кои оставија траен белег во нашата национална историја и се потсетник дека херојството во име на татковината е највисок идеал на секој човек. Денес, и по 22 години од нивното загинување, овде во салата што го носи името „Бранители 2001“ – како вечен паметник за нив, со овој Меморијален турнир го одбележуваме споменот на загинатите бранители, кои го положија животот за денешниот мир во кој живееме, рече Митовски.

На турнирот учествуваат екипи од полициските станици, Посебната единица на полицијата од Скопје, Министерството за внатрешни работи и од Македонскиот полициски синдикат, а победникот од овој локален турнир ќе учествува на националниот централен турнир во Скопје. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK