„Ден за кариерен развој” се одржа денеска, организиран од Центарот за кариера на УКИМ. Присуствуваа студенти, претставници на компании, членови на академската заедница.
Проректорката за наука, проф. д-р Валентина Гечевска, информираше дека настанот е во насока на унапредување на вештините, како и насочување на студените во нивниот понатамошен кариерен развој, преку вмрежување со бизнис-заедницата. Таа соопшти дека 30 етаблирани компании ги презентираат своите можности за вработување, за практикантство, стипендирање за време на студиите и по нивното завршување.
-Присутни се претставници на компании, што севкупно креираат можеби околу половина од БДП на државата. Тоа е огромна моќ, двигател на економскиот развој, а овде се за да се вмрежат со вас, им се обрати таа на присутните студенти.
Раководителката на Центарот за кариера на УКИМ, проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска, потсети дека настанот се одржува вторпат и дека со него, Центарот ја исполнува една од своите основни цели – да биде мост помеѓу студентите и бизнис-заедницата.
-Само обединети во нашите различности како универзитет, можеме да бидеме пример за успех во општеството и патнер од доверба на компаниите, подвлече Тониќ Рибарска.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски, изрази задоволство од настанот, за кој рече дека е од есенцијално значење за студентите.
-Важноста на ваквите настани никогаш не била поголема од овој момент, бидејќи сега, како никогаш претходно, е потребно да ги мотивираме младите луѓе, студентите да сакаат да останат тука и да го дадат своето знаење на компаниите и директно да контрибуираат во креирањето на подобра иднина овде, нагласи Темелковски.