Кумановци ќе трчаат за да им помогнат на двете девојчиња со сериозна здравствена состојба Теодосија и Ана, одлучи советот на општината. Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска информираше дека хуманитарна трка ќе се одржи на 27 мај (сабота) годинава со почеток во 10 часот на булеварот „Октомвриска револуција“.
-Кумановци се познати по хуманост, солидарност, беа доставени телефонски броеви, донираше и општината. Двете девојчиња се хоспитализирани во болници во Истанбул. Како совет може да направиме поголема акција, очекувам масовност, изјави Ѓорѓиевска.
Станува збор за трка по кружна патека, со почеток и крај кај „Браво кеј“, трката е од ревијален карактер. Ѓорѓиевска очекува масовен одзив на хуманитарната трка и ги повика основците, средношколците, студентите, советниците, граѓанските здруженија, спортските клубови, бизнис заедницата, граѓаните, да дадат свој придонес учествувајќи во трката организирана од Советот на општина Куманово.