Во Бигорски сослужение и Доксологија за годишнината од црковното единство во присуство на јерархот на Вселенската Патријаршија, г. Кирил

bigorski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По повод годишнината од одлуката за востановување на богослужбеното и канонско единство на свештената Охридска Архиепископија со сета православна екумена, во Бигорскиот манастир вчера одржано беше сослужение и Доксологија, со присуство на јерархот на Вселенската Патријаршија, Вископреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил.

– Навистина слатка и освежувачка и животворна е водата на благочестието којашто извира од црковното единство во Христа и ги напојува душите на верните кои единствено по коешто копнеат е љубовта и слободата на духот. Таквите благодатни струи на единството со целата православна полнота веќе една година ја заплискуваат и нашата света Црква, откако на 9 мај минатата година Великата Христова Црква во Константинопол, под татковско раководство на Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, донесе одлука за востановување на богослужбеното и канонско единство на свештената Охридска Архиепископија со сета православна екумена. И ете, точно на годишнината од тоа благословено и богодарувано собите, според Божјото провидение, во посета на нашата Света Обител дојде јерархот на Вселенската Патријаршија, Вископреосветениот Митрополит на Имврос


и Тенедос г. Кирил, кој неколку дена престојуваше во нашата земја на покана на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, како негов драгоцен гостин, со кого заедно го чествуваа споменот на Великомаченикот со вселенска слава – Светиот Георгиј Победоносец, велат од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека пред заминување во својата свештена Митрополија на Имврос, владиката Кирил го „посети и нашиот манастир, за заедно со нашиот сакан старец, епископот Антаниски г. Партениј, и со нашето монашко братство да ја прославиме годишнината од историската одлука во сесветлиот Фанар“.

– А како подостојно би можеле да ја прославиме таа неизмерна Божја милост, освен соединети во љубовта Божја околу едната Чаша Господова, на Божествена Евхаристија?! Затоа токму тоа и се случи: заедничко служење на бескрвната Христова жртва на денешната Света Литургија на двајцата јерарси, Светиот Имвроски и Светиот Антаниски, во сослужение на бигорските архимандрити на Вселенскиот Престол Кирил и Анатолиј и на Протопрезвитерот на Вселенскиот Престол Александар Димовски и јеромонахот Никодим, кои допатуваа од Охрид за овој настан, со благослов на Светиот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, наведуваат од манастирот.

По завршување на литургиското тајноводство, се одржала и свечена доксологија, односно славословие за Бога, по повод годишнината од воспоставувањето на црковното единство, кога епископ г. Партениј се обратил кон митрополитот г. Кирил.

– Наш возљубен во Христа брате и сослужителу, свет владико на Имврос и Тенедос, денес голема радост настана и во овој духовен град на Чесниот Претеча, бидејќи во него влеговте Вие, носејќи ни го благословот и љубовта на првопрестолната Мајка Црква од Константинопол и на возљубениот и Сесвет Архиепископ на Константинопол – Нов Рим и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Навистина љубовта и единството во Христа се најмоќните движечки сили кои ги устројуваат работите во Црквата и ги привлекуваат чудесата и величијата Божји. Не е ли плод на таа љубов и на таа мисла и желба на Спасителот за сите да бидат едно, Вашето доаѓање тука, токму на годишнината од историската одлука на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија за востанување на литургиското и канонско единство на најсветата Охридска Архиепископија? Затоа, големи се милоста и благословот Божји кон нас, што Ве имаме денеска со нас, како духовен син и благопријатен мирис од нашиот велик добротвор, Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, откако претходно, неколку дена бевте гостин на нашиот светителороден Охрид, на покана на нашиот почитуван и свет Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој полага особена грижа за единството во Црквата. Се радуваме и Му благодариме на Бога ја имавме честа да го славиме заедно со Вас Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец на торжествената литија во Струга, омилениот народен светија, кој воедно е патрон на Сечесниот Патријаршиски Храм во Фанар – светилникот на Православието, од каде што светлината на богопознанието ја примиле многу народи, вклучувајќи го и нашиот, рекол меѓу другото владиката Партениј.

Според него до благословеното единство дојде, преку мудрото и одговорно дејствување на нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан и на светите архиереи, кои уште во 2018 година побараа молба за еклитон (апелациско прибегнување) од првопрестолната Црква, којашто беше поздравена и поддржана и од нашите државници и, несомнено, преку просветлението, широкосрдечноста и татковската грижа на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој заедно со своите архиереи од Вселенската Патријаршија го уважија еклитонот на нашата Црква и држава.

-Впрочем, ползувајќи се со канонското право и историјата и воден од Христовата мисла „сите да бидат едно“, а преку мудроста и просветлението на Светиот Дух, Сесветиот Патријарх, како и во многубројни случаи претходно, се покажа како внимателен и грижлив лекар, кој умее да ги лекува и најтешките рани со балсамот на љубовта Христова. Му благодариме на Бога што Одлуката на Вселенската Патријаршија ја испочитуваа повеќето помесни Цркви и што, по нејзиниот благослов и препорака, го решивме и поголемиот дел од административните недоразбирања со сестринската Црква на Србија, којашто од своја страна ја препорача нашата Црква како зрела за автокефалност, со што останува да се реши уште прашањето за интегрирањето на свештениот клир на автономната Црква на Архиепископот г. Јован. Се радуваме што повторно имаме можност преку Вас да му се заблагодариме на Сесветиот Патријарх, на архиереите од Вселенската Патријаршија, на Вас лично, како на голем борец за единството во Црквата и како делател на љубовта Божја, и на сите што братољубиво помогнаа и придонесоа за исцелението на загноените рани од шизмата во која се наоѓаше нашата Црква повеќе од половина век. Ние знаеме дека некои луѓе Божји направија навистина огромна жртва и претрпеа силни удари и омаловажувања од противникот на спасението, за дојде до посакуваното единство и затоа нашите молитви се постојано со нив, та праведниот Судија да ги впише нивните имиња во книгата на вечно живите, нагласил тој.

Можеме, посочил, да Ви ветиме дека во „своите срца и молитви засекогаш и со благодарност ќе го чуваме името на Сесветиот Вселенски Патријарх, вашето и имињата на сите кои ги овозможија овие големи достоинства за нас“.

-На крај смирено Ве замолуваме да ги пренесете до Неговата Сесветост нашите големи благодарности и свештената признателност за грижата и љубовта што ги има како вистински Татко на Православните. Навистина благослов и чест е да се живее во негово време. А Вам, свети владико, Ви посакуваме добро здравје и благодатни сили од Бога, за и понатаму да продолжите со големи достигнувања на крстовоскресната арена за стекнување на Христовиот венец на победата. На многаја лета, посакал владиката Партениј.

Како својата возвратна беседа, митрополит г. Кирил, со љубов и благодарност меѓу другото искажал радост што „на половината од Празникот, среде Празникот, повторно се наоѓам овде, во вашата прекрасна татковина, на ова многу убаво место“.

-Дојдов на покана од вашиот Високопреосветен пастироначалник, митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј. Дојдов по љубезна покана на Светиот Дебарско-Кичевски и со дозвола на Неговата Божествена Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх, за да го прославиме тој голем и вселенски Светител на нашата Црква, Светиот Георгиј. Бев воодушевен од честа и љубовта на народот кон овој голем Светија и од настаните што се одржаа во негова чест, а кулминираа со големата литија во Струга. И уште еднаш, му благодарам на вашиот Високопреосветен Митрополит и пастироначалник, рекол тој.

Беше невозможно, посочил, а да не дојдам и во Бигорски, да го сретнам нашиот возљубен Старец и свештените и преподобни лица на сите вас, и да сослужуваме денес, во денот на Преполовението.

-Ова е јубилејна Божествена Литургија. Го славиме и прославуваме и славословиме името на Сесветиот Бог, затоа што точно пред една година, нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј и нашиот Свештен Синод одлучија, и покрај сите тешкотии и пречки што некои луѓе ги поставуваат и продолжуваат и сакаат да ги поставуваат, да ја поправи неправдата и да го востанови општењето со вас, што толку години ве имаа на маргините како расколнички клирици. И после толку години изолација, осаменост, казнување, обвинувања, клевети, повторно станавте дел од едната, света, соборна и апостолска Црква. Патријархот со своите смелост и храброст што ги поседува, ги надмина сите пречки и продолжи напред. Ги виде стапиците, а ги знае дури и оние што се поставуваат сега, но имајќи доверба во Охридската Архиепископија, знае дека сега оваа Црква нема уште еднаш да ја предаде Вселенската Патријаршија. Се надеваме дека архиепископот Охридски г. г. Стефан и архиереите се трудат и се борат да ги стават работите во ред, та да се надминат некои практични тешкотии што толку години се имаа вгнездено. Да се надминат и така да дојдеме до многупосакуваниот момент, кога Охридската Архиепископија ќе го добие од чесните раце на Вселенскиот Патријарх Томосот за автокефалност, посакал г. Кирил.

Според него во текот на историјата, низ толку многу години, Вселенската Патријаршија ѝ даде автокефалност и патријаршиско достоинство на Русија, ѝ даде автокефалност и патријаршиско достоинство на Грузија, на Романија, на Бугарија, на Србија, даде автокефалии на Албанија, Грција, Чешка, на толку многу цркви. Последно, ја донесе и таа голема, силна одлука да ѝ даде автокефалија и на Украина. На земја која денес, за жал, е камшикувана од војна на православните христијани браќа помеѓу себе. И тие долги години се трудеа да ја добијат својата автокефалија, да живеат како слободни луѓе. И Патријархот им ја даде оваа можност, како што и вам ви ја даде со признавањето на вашата каноничност.

Порачал дека со многу молитва, со многу љубов кон сите, со смирение ќе „продолжиме заедно да се трудиме, да се молиме и да се подвизуваме сето тоа да исчезне од нашата Црква. Да биде една, света, соборна и апостолска Црква на сите нас“.

-Ѝ честитаме на Охридската Архиепископијата. Ѝ посакуваме и се молиме со добро да си дојде сè на свое место и да дојде томосот за автокефалност, та овој ден да биде јубилеен ден на радост и веселие за сите луѓе во оваа земја. Уште еднаш, возљубен мој Старецу, Ви благодарам за сè! Почитувани отци, драги мои браќа, да знаете дека во ваша близина се чувствувам како да сум дома, во мојата Митрополија. Ние, за жал, немаме манастири, ниту машки, ниту женски, та да можеме да ја почувствуваме оваа љубов, оваа топлина, оваа убавина. Имавме. Имавме, ама ни ги запалија, ни ги разнесоа, ни ги срушија. Слава Му на Бога за сè. Христос воскресе!, кажал на крајот од беседата г. Кирил.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK