Четворицата кандидати за претседател на Турција зборуваа на државната телевизија ТРТ

turcija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Четворицата кандидати за претседател на Турција одржаа говори на државната телевизија ТРТ како дел од официјалниот распоред на предизборната кампања во земјата, пренесува Сабах.

На 14 мај во Турција ќе се одржат претседателски и парламентарни избори.


Четворицата кандидати го упатија својот претпоследен повик до гласачите преку телевизија во неделата вечерта. Своите апели за последен пат ќе ги дадат на ТРТ на 13 мај.

Кандидати за претседател на Турција се актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган, лидерот на најголемата опозициска Народно-републиканска партија, Кемал Кулчдароглу, Мухарем Инџе и Синан Оган.

„Изберете доверба и стабилност. Направете го вашиот избор за иднината на вашите деца. Никој не губи кога ние победуваме“. Ова беа дел од апелите на Ердоган до гласачите.

„Ја презедовме одговорноста што ни ја дадоа граѓаните на сите 15 избори на кои бевме. Секој предизвик во овој тежок процес го надминавме благодарение на вашата поддршка и молитви. Сигурно имавме свои маани и правевме грешки, но никој не може да негира дека успешно реализиравме нови проекти“, рече тој, потсетувајќи на реформите спроведени во изминатите 21 година.

Останатите тројца кандидати кои одржаа говори ја критикуваа ТРТ дека не им било дадено еднакво време за претставување на нивните предизборни програми.

Кемал Кулчдароглу ја обвини ТРТ дека е „телевизиски оператор на владејачката партија“.

„Ова е избор на 85 милиони луѓе. На 14 мај нема да гласате за мене, ќе гласате за правда“, рече тој.

Мухарем Инџе, претседател на Партијата на татковината, упати голем број обвинувања до владата, велејќи дека таа ги претворила државните институции во „нефункционални“ тела и лошо управувала со економијата и земјоделството. Тој исто така рече дека Турција се соочува со огромна мигрантска криза, а „неконтролираниот“ прилив на мигранти и бегалци ја остави Турција со сериозен проблем со јавниот ред. Инџе вети и „борба без отстапки“ против терористичките групи.

Синан Оган, кандидат на Алијансата АТА, рече дека неговите два главни приоритети ќе бидат потпишување декрет за „враќање на Сиријците и сите бегалци во нивните земји“ и „формирање министерство за катастрофи“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK