Република Македонија е безбедна држава, нема индиции за нарушување, бидејќи случувањата во опкружувањето не можат да бидат прелеани кај нас од аспект на било какви терористички или криминални групи. Но, мора да се преземаат системски чекори, што ќе гарантираат правилен развој на општеството, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција што се одржа денеска во Охрид во рамките на 50. Европска регионална конференција на Интерпол, одговарајќи на новинарско прашање за безбедноста на државата и регионот по случувањата во Србија.
Според него, многу е важно приватниот сектор и јавната безбедност да се стават во функција на државата. Министерството за внатрешни работи, нагласи, веќе три години спроведува акциски планови за безбедноста на учениците пред, за време на наставата, и после наставата, преку различни контроли со цел превенција на несакани дејствија.
Потсети за заедничкиот состанок со министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, со цел подобрување на безбедноста, како и протоколи за случувањата со сајбер заканите. Но, повторно нагласи, дека семејството е клучна ќелија во делот на воспитувањето на децата.
– Семејството треба да си ја преземе својата улога до крај, и таму да ги подобруваме работите, државните институции, едноставно комплетно системот да ја подигне би рекол подготвеноста во овој дел, се со цел да бидеме сите ние сигурни дека нашето општество се развива во правилна насока, нагласи Спасовски.
Северна Македонија е безбедна земја, тврди и генералниот секретар на Интерпол Јирген Шток, посочувајќи дека нема регион каде што нема закани.
За добрата безбедна состојба во државата, нагласи дека придонесува успешната работа на Министерството за внатрешни работи, како доверлив партнер на Интерпол.
– Сега промената е кон сајбер страната. Се повеќе криминални дејствија се префрлаат на сајбер арената и тоа е буре без дно. Низ континентот има криминални картели и организирани групи и ние мораме да возвратиме со иста таква организација. Ние имаме силен партнер во безбедносните организации во Македонија, рече Шток.
Решението за незаконското тргување со човечки суштества и стоки, како транзитна држава, смета дека е во соработката, споделувањето информациите, но и користење на алатките и службите на Интерпол.
Нагласи дека Интерпол ја исклучува политиката и работи во интензивирање на полициската соработка, насочувајќи се кон подготвеност од новите закани предизвикани од новите технологии. Како пример го посочи следењето на криптовалутите и зајакнувањето на мрежата на полициска соработка.
– Особено зајакнувањето на мрежата на безбедносните агенции во Европа, но и поврзувањето на Европа со останатиот дел од светот, бидејќи заканите доаѓаат многу често и надвор од Европа. Затоа е многу важно што имаме гости од други континенти на нашата конференција во Охрид и токму тоа е улогата на Интерпол, рече Шток.
Прашан за руското влијание и дали Интерпол води истрага против руски граѓани и политичари поради случувањата во Украина, посочи дека се фокусирани на меѓународната полиција и соработка.
– Вложуваме многу напори да обезбедиме нашите алатки и служби да не се користат за било какви политички активности. Секоја активност на земјите членки што ги користи нашите алатки и служби треба да биде во согласност со нашите правила и прописи за размена на информации, рече Шток.
Секоја земја, додаде, треба да си обезбеди информација во согласност со дописите и податоците на Интерпол што треба да се почитуваат.
– Земјите членки на Интерпол сами треба да одлучат дали ќе користат размена полициски информации со Русија. Сакаме да ги поддржиме нашите земји членки во борбата против илегалното тргување со оружје, особен во врска со конфликти. Знаеме дека многу парчиња оружје се достапни и секако Интерпол обезбедува база на податоци што ги поддржуваат земјите членки во следењето на тргувањето со илегални видови огнено оружје, истакна Шток.
Интерпол, додадел преку сопствените информативни системи ги следи криминалците кои ги користат кризите, за заштита пред сè на децата и жените кои ги преминуваат границите и бараат засолниште.