– Во Србија денеска е трет ден на жалост поради трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград и масовното убиство во селата околу Смедерево и Младеновац.
Граѓаните ширум Србија им оддаваат почит на жртвите од двете масовни престрелки. Во Дубона денеска ќе бидат погребани три жртви. На белградските гробишта вчера беа погребани четворица ученици и работникот од обезбедувањето во училиштето во Врачар. Во Мало Орашје беа погребани пет млади луѓе, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерката за здравство Даница Грујичиќ за РТС изјави дека девојчето кое било примено по пукањето во ОУ „Владислав Рибникар“ се уште е во критична состојба и витално загрозено, како и две девојки во масовното пукање кај Младеновац и Смедерево.
– Што се однесува до повредените во престрелката кај Младеновац и Смедерево, кои се во КЦ, две девојчиња се уште се во животна опасност. Девојката која имаше повреда на главата, иако постоперативниот скенер е навистина одличен, за жал и е оштетено левото око, куршумот останал таму. Таа се уште е седатирана, па не можеме целосно да ја процениме нејзината состојба додека не почнеме да ја будиме, рече Грујичиќ.
Критично е и девојчето кое имаше повеќе абдоминални повреди, додаде таа и посочи дека денеска ќе и биде извршена нова интервенција.
– Момчето кое имаше повреда на феморалните артерии и вените на нозете е префрлено на Клиниката за васкуларна хирургија, ќе мора да добие дополнителни интервенции. Мажот кој имаше повреда на градниот кош и повреда на рбетот засега е стабилен, екстубиран и свесен. Разговарав со него, но за жал има параплегија. Што се однесува до момчето што дојде од Смедерево, направена е торакална дренажа, исто така е стабилен и екстубиран, изјави Грујичиќ.
Таа посочи и дека пациентот во КБЦ „Драгиша Мишовиќ“ се уште е на поддршка, за да го одржи притисокот.
– Што се однесува до момчето што е во болницата во Земун, имаше големи ортопедски повреди кои се згрижени, ќе има уште најмалку една или две операции и за жал кај сите, освен оние кои се пуштени, најверојатно ќе има уште една операција, рече министерката.