– На иницијатива на Министерството за образование и наука (МОН) отворени се електронски адреси каде ќе може да се пријавува врсничко насилство. Целта е да се превенираат несакани настани како оние што ја потресоа соседна Србија во изминатите два дена.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ветува дека по секоја пријава на „[email protected]“ и „[email protected]“ веднаш ќе се постапува.
Вчера МОН ги почна и консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничкото насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување и за работа со нивните семејства.
– Ова е сериозен предизвик за сите нас. Имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор, изјави по состанокот министерот Шаќири.
Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство, како што најави, ќе биде инклузивен и во него ќе бидат вклучени повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство.
Ако се увиди потреба, како што рече Шаќири, ќе се направат и законски измени во системот за образование.
Според социологот Татјана Стојановска-Иванова, кај нас се уште е табу тема да се побара психолошка помош.
– Како социолог заедно со колегите правиме истражување. Не сме свесни што се се случува на терен. Стравот и традиционализмот и страв дека ако побарам помош, ќе бидам обележан. Да не ги стигматизираме веќе. Имавме примери каде што родителот вели – моето дете не е предмет, а знаеме какви последици има детето. Зошто? Затоа што вели – кој утре ќе стапи во брак со неа. Тие табуа и стереотипи да ги надминеме. Секако потребно време, ништо преку ноќ не се прави, вели Стојаноска-Иванова.
Во Србија во основно училиште во Белград малолетник со пиштол уби осум ученици и припадник на училишното обезбедување и рани седум ученици, а во селото Дубона кај Младеновац, 21-годишно момче уби осум лица и рани 14 луѓе.