Со прес-конференција членовите на Драмско Студио Тетово ја најавија изведбата на премиерата „Вај-фај“која ќе се одигра во вторник 9 мај во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ со почеток во 20 часот.
Претставата е работена според текст на српскиот драмски автор Мирољуб Недовиќ. Преводот на драмскиот текст, адаптација и режијата се на тетовецот Мирко Видоески.
Актерите и режисерот појаснија дека станува збор за драмски текст кој засега голем број на луѓе па и самите нив со оглед дека третира една значајна тема-иселувањето на младите во странство додека нивните родители остануваат дома. Во претставата играат родители на млади луѓе кои се венчале во Америка, а нивните блиски после тоа се запознаваат кај едните од нив.
-Сум играл над 30 претстави, а сега се најдов и себеси во улогата која ја толкува. И мојот син е во странство. Тој не е за женење но ќе му дојде време. Се ставив во ситуација како ќе биде кога ќе биде. Мислам дека многу луѓе од нас ќе се пронајдат во оваа претстава. Хуморот е бегање од самата реалноста и тагата, но дојде така да ги растеме децата за да ги праќаме во странство, тие мислат дека ќе им биде подобро, а со тоа и родителите се сметаат за радосни. Ќе има смеење но ќе има и солзи, изјави Глигорије Стојановски.
Режисерот Видоески истакна дека има голем број комични сцени, пред со слободното однесување на домаќините, за разлика од гостите кои не се навикнати на таков речник и постапки.
-Но на крај се соочуваат со истата мака, децата не им се тука, но не само тие само што се венчале во Америка туку имаат и други деца па и тие се во странство. Целосно ја отсликува сегашната состојба на Балканот. Старите остануваат сами дома, а младите се иселуваат, истакна режисерот Видоески.
Актерот Лазар Сароски посочи дека хуморот кај ликовите е нивниот обида да ја затскријат тагата со која се соочуваат.
-Комплексен текст е иако на прво ни изгледаше дека ќе биде лесна комедија. Дури на моменти и не е баш комедија, баш е тажна претстава, тага излегува на површина. За да им олесни на луѓето целиот свој живот го прават на хумор,а не им е до смеење. И навистина е така и во реалниот животот, рече актерот Игор Бачоски.
Наташа Петровска порача дека во текстот се случуваат работи типични како за Тетово, со пречекот на сватовите, гоштевањето на што следат и комичните ситуации. Претставата е работена според текст на српскиот драмски автор Мирољуб Недовиќ. Преводот на драмскиот текст, адаптација и режијата се на Мирко Видоески.