Претрес во домот и канцеларијата на соработник на Марин Ле Пен поради сомнежи за протекување доверливи информации


marine-le-pen-candidate-to-depositphotos_166937084_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Француската полиција извршила претрес во домот и канцеларијата на Амброаз де Ранкур, еден од најблиските соработници на Марин Ле Пен, во рамки на истрага за можно протекување доверливи информации од Министерството за внатрешни работи кон нејзината партија Национален собир (РН).


Истрагата треба да утврди дали високи државни функционери ги злоупотребиле своите позиции за да ѝ доставуваат на десничарската партија информации за правни постапки што би можеле да ја засегнат. Случајот се води под сомнение за повреда на тајноста на истрагата, објави „Еуроњуз“.

Претресот бил извршен на 9 ноември во домот на 39-годишниот Де Ранкур, дипломат и координатор на претседателската програма на Ле Пен, кој претходно бил и шеф на нејзиниот кабинет.

За време на претресот во партиското седиште, полицијата неочекувано го затекнала и обвинителот Кристијан де Рокини, висок правосуден функционер. Тој подоцна признал дека во јули проследил извештај за протекување информации од кои, наводно, имала корист партијата Национален собир. Поради ова, министерот за правда отворил посебна истрага.

Според весникот „Ле Монд“, истражителите се сомневаат дека токму Де Ранкур бил главниот примател на доверливите информации.

Ле Пен ги отфрла сомнежите за вмешаност на партијата

Марин Ле Пен во петокот изјавила дека претресот не ја доведува во прашање нејзината партија. На прес-конференција што ја пренесувал РТЛ, таа посочила дека доколку Националниот собир бил предмет на истрага, полицијата ќе ги претресела и канцелариите на претседателот на партијата Жордан Бардела или нејзината канцеларија.

„Ако Националниот собир беше под истрага, претпоставувам дека ќе ја претресеа канцеларијата на Жордан Бардела, но тоа не се случи. Истрагата не се однесува ниту на мене како кандидатка, бидејќи во спротивно веројатно ќе ја претресеа и мојата канцеларија“, изјавила Ле Пен.

Истрагата почнала по откривање доверлив документ

Случајот започнал по откритијата при претрес во Италија, во рамки на истрага за сомнежи дека Националниот собир проневерил средства од Европскиот парламент.

Тогаш бил претресен домот на Фредерик Шатијон, уште еден близок соработник на Ле Пен и поранешен лидер на малата екстремно десничарска група ГУД. Полицијата кај него пронашла копија од документ на француското Министерство за внатрешни работи, кој содржел информации за сомнежи за незаконско финансирање на изборните кампањи на партијата.

Истражителите се сомневаат дека зад протекувањето стои префектот на регионот Центар-Долина на Лоара, Иго Муту. Тој беше официјално разрешен од функцијата на 25 ноември, на седница на Советот на министри.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK