Изјавите на Клековски за недостатокот на лекови се нехумани, арогантни и неверојатно дистанцирани од неговата основна задача како министер откако Левица реши да го повика на одговорност, оценуваат од оваа партија.
Додаваат дека за 22,1 отсто е зголемен бројот на случаи со грип, регистрирани се 188 заболени. За тоа време, како што велат, само една третина од пациентите кои мора да се вакцинираат, всушност добиле вакцина засега.
„На вчерашните јавни обраќања, како и на гостување на Алфа телевизија, министерот Клековски зборуваше за сѐ, освен дека ги остави онколошките болни без таксол, лек кој не смее да се прекинува во предвидените циклуси на хемотерапија. Дали лекарот кој никогаш не лечел, сѐ уште не ги сфаќа последиците кои ги предизвикува додека има недостаток на лекови?
Клековски зборуваше за потребата од системски промени додека партијата која го именуваше на функцијата ја има апсолутната власт во државата и ја има моќта да ги направи тие системски промени.
Клековски зборуваше за децентрализација на третманот на онколошките пациенти додека не исплаќа додаток за работа вон место на живеење на лекарите од терциерно здравство кои патуваат во внатрешноста.
Колку контрадикторен може да биде Клековски во текот на еден ден? Дали му е најважно да остане на позицијата, па макар и на сметка на трагедија на една цела популација“.
Пациентите, нагласуваат од Левица, не треба да се грижат за тоа како треба да им бидат обезбедени лековите. „Имаат доволно големи проблеми, власта само им отежнува.
Левица ги застапува правата на пациентите и сочувствува со секој кој минува низ тортурата во болничките ходници поради режимот на ДПМНЕ и некредибилните кадри на власт! Државна веледрогерија со делегиран интервентен увоз и дистрибуција на лекови може уште утре да ги реши проблемите, скокајќи ги долгите бирократски јавни набавки кои одговараат само на фирмите блиски до власта“.