Мексико побара состанок со американските воздухопловни власти за дозволите на SpaceX да го користи мексиканскиот воздушен простор и евентуално преместување на неговите активности за лансирање. Соопштението го даде претседателката Клаудија Шајнбаум, а потегот следува по тензиите меѓу мексиканските власти и компанијата на Елон Маск, објави „Ројтерс“.
Операциите на SpaceX во близина на границата меѓу САД и Мексико станаа сериозно политичко прашање во Мексико. Властите ја обвинуваат компанијата за загадување и други штетни влијанија врз животната средина, бидејќи остатоците од ракетите лансирани од Тексас паѓаат на мексиканска територија. Мексико, исто така, изрази загриженост за нарушувањето на нејзиниот воздушен простор.
„Преку амбасадата, бараме состанок на американските и мексиканските вселенски агенции за да се дефинираат дозволите за користење на мексиканскиот воздушен простор и фреквенцијата на летовите. Доколку е потребно, ќе разговараме и за преместување на местата за лансирање“, рече Шајнбаум на утринската прес-конференција.
„Исто така, се поставува и прашањето за остатоците од ракетите“, додаде таа.
Амбасадата на САД ги упати прашањата за медиумите до Стејт департментот, кој сè уште не коментираше за барањето за состанок. SpaceX не коментираше, а претходно ги отфрли обвинувањата за загадување на животната средина.
На почетокот на месецот, мексиканските власти објавија дека остатоци од ракета се исфрлиле на плажа во пограничната држава Тамаулипас.
SpaceX во тоа време соопшти дека материјалите не се опасни: „Независното тестирање на материјалите во вселенското летало „Старшип“ и ракетата „Супер Хеви“, вклучувајќи ги и анализите за токсичност, потврдува дека тие не претставуваат хемиски, биолошки или токсиколошки ризици“.