Полицијата денеска постави кордон на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир и на улицата „Св. Јоаким Осоговски“ за време на најавениот протест во Крива Паланка. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека целта била да се гарантира безбедноста на граѓаните и дека протестот завршил без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
„На денешниот најавен протест во Крива Паланка од страна на МВР беше поставен кордон на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир и на улицата „Св. Јоаким Осоговски“, со цел да им се обезбеди сигурност на граѓаните. Протестот е завршен без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир“, соопштија од МВР.
Причина за незадоволството на жителите се повеќе од илјада крави кои слободно се движат низ градот. Според реакциите на граѓаните, добитокот предизвикува штети на земјоделските посеви и имотот, а истовремено ја загрозува и безбедноста на луѓето.
Протестот го најави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој порача дека граѓаните нема да бидат оставени сами во барањето решение за проблемот.