УЕФА го избра противкандидатот на Инфантино


screenshot-2026-11-16-200345.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Филип Диало (63), претседателот на Француската фудбалска федерација, ќе му биде противник на Џани Инфантино на изборите за претседател на ФИФА, кои ќе се одржат на 18 март 2027 година во Рабат, Мароко.


Диало доби едногласна поддршка од националните асоцијации претставени во Извршниот комитет на УЕФА и Советот на ФИФА, објави УЕФА.

На состанокот со кој претседаваше Александар Чеферин, европските фудбалски претставници го поканија Диало да се кандидира, а тој ја прифати поканата. Неговата кандидатура сè уште треба формално да биде потврдена од Извршниот одбор на Француската фудбалска федерација на состанокот закажан за вторник. Рокот за поднесување на кандидатури истекува во среда, 18 ноември.

Диало е француски фудбалски функционер кој ја води Француската фудбалска федерација од 2023 година. Тој го наследи Ноел Ле Гре на функцијата, кој се повлече по низа контроверзии и обвинувања за сексуално вознемирување.

Пред да дојде на чело на францускиот фудбал, Диало работеше со години во фудбалската администрација. Тој ја водеше организацијата што ги претставуваше француските професионални клубови, беше член на одборот на француската професионална лига и учествуваше во работата на телата за решавање спорови на ФИФА.

Од 2023 година, тој е член на Извршниот комитет на УЕФА, поради што припаѓа на кругот на најблиски соработници на Александар Чеферин. За разлика од некои од претходно споменатите кандидати, Диало , зад себе нема кароера како професионален фудбалер.

Одлуката за поддршка на Диало е последица на продлабочениот конфликт меѓу УЕФА и ФИФА. Во соопштението за медиумите на европската фудбалска организација се наведува дека постои сериозна загриженост за насоката во која се движи ФИФА и дека е потребно да се врати единството и довербата во рамките на светскиот фудбал.

Една од главните причини за конфликтот е обидот на Инфантино да основа нова комерцијална компанија што би управувала со правата поврзани со големите натпреварувања на ФИФА, вклучувајќи го и Светското првенство, со можност за влез на приватни инвеститори.

Планот предизвика силен отпор од европските фудбалски претставници, а УЕФА дури се закани дека ќе ги бојкотира натпреварувањата што ги организира ФИФА. ФИФА потоа го отфрли предлогот.

Француската фудбалска федерација ја повлече својата поддршка за Инфантино уште во септември. Диало тогаш изјави дека постапките на претседателот на ФИФА сериозно го оштетиле угледот и единството на фудбалот и дека довербата е изгубена.

Европските фудбалски претставници претходно ја разгледуваа можноста за кандидирање на познат поранешен фудбалер или тренер. Меѓу споменатите имиња беа Арсен Венгер, Дидие Дрогба и Микаел Силвестре, но ниту една од тие опции не се реализираше.

Козо Ташима, поранешен претседател на Јапонската фудбалска асоцијација, и поранешниот швајцарски фудбалер Рамон Вега се појавуваат како можни противници на Инфантино. За валидна кандидатура, потребно е да се собере поддршка од најмалку пет национални асоцијации.

Иако Диало може да смета на силна европска поддршка, Инфантино останува фаворит. Швајцарецот ја предводи ФИФА од 2016 година, а беше реизбран во 2023 година без противкандидат. Тој ужива голема поддршка надвор од Европа, особено меѓу сојузите кои досега не покажаа подготвеност да ја поддржат неговата смена.

Европските претставници се надеваат дека Диало би можел да ги привлече и гласовите на африканските федерации, особено оние од франкофонските земји. Ова би можело да ги направи мартовските избори првиот сериозен предизвик за владеењето на Инфантино во последниве години.

Foto/ EPA

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK