СДСМ тврди дека одлуката од јуни 2023 година за продажба на конфискувани акции во Стопанска банка Битола не била поврзана со Алта банка и дека тие акции биле продадени дури во јануари 2026 година, кога српската банка веќе била присутна на македонскиот пазар.
На денешната прес-конференција, Маја Серафимовска-Борозан рече дека документот од „Службен весник“ од 6 јуни 2023 година, кој, според неа, се користи за да се докаже дека претходната влада склучила зделка со Алта банка, е погрешно толкуван.
„Извадија документ од „Службен весник“ од јуни 2023 година како наводен доказ дека претходната влада склучила зделка со Алта банка. Тоа е целосна манипулација. Станува збор за пакет од 7.213 акции (околу 1,85% од капиталот на Стопанска банка АД Битола) што државата ги конфискуваше од Сашо Мијалков и фирмата „Ексико“ со правосилната пресуда за случајот „Империја“. Одлуката од 6 јуни 2023 година е само редовна законска процедура според Законот за управување со конфискуван имот — формална согласност Агенцијата за управување со одземен имот да ги продаде запленетите акции за да влезат пари во буџетот. Истиот ден се дадени идентични согласности и за други запленети акции. Овие акции воопшто не беа продадени во мандатот на СДСМ. Алта банка тогаш воопшто не беше присутна во државата. Влезот на српската Алта банка и преземањето на Стопанска банка се случија во есента 2025 година со одлука на Мицкоски и неговата власт. Запленетиот пакет беше продаден на Алта банка во јануари 2026 година за околу 375.000 евра. Повторно фатени во лага“, кажа Серафимовска-Борозан.
Таа ја обвини актуелната влада дека е одговорна за влезот на Алта банка во земјава.
„Мицкоски ја внесе Вучиќевата Алта банка во Македонија. Трајко Славески му даде дозвола, јавно призна, во консултација со Мицкоски. Парите на јавните претпријатија и на граѓаните завршија таму исто така со одлука на владата на Мицкоски. Сега кога во Србија се отвораат истрагите, ВМРО-ОКГ се обидува да го заташка скандалот. Нема да помине. СДСМ поднесе кривични пријави против гувернерот и против сите инволвирани. Следува одговорност“, истакна Серафимовска-Борозан.