„Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“, од понеделник ќе работи и експозитурата во Прилеп“, извести НБ


alta-banka-.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во насока на проширување на достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола, Народната банка информира дека од понеделник, 16 ноември, ќе започне со работа и експозитурата на Банката во Прилеп. Во неа, на клиентите кои имаат платежна сметка, а не располагаат со платежна картичка, ќе им биде овозможено подигнување готовина до 20.000 денари во период од две недели, согласно утврдениот лимит, информира НБ.


„Продолжуваат со работа и филијалите на „АЛТА банка“ АД Битола во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие експозитури клиентите можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за намирување на комуналните услуги, отплата на кредити и други потреби.

Потсетуваме дека во рамките на активностите за олеснување на пристапот до средствата и овозможување непречено извршување на секојдневните финансиски обврски, од 10 ноември клиентите на Банката можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство. Притоа, важат утврдените лимити: до 15.000 денари неделно за клиентите што поседуваат платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите што не поседуваат платежни картички.

Лимитите се применуваат збирно за сите сметки на клиентот во Банката и ги опфаќаат сите канали на плаќање и повлекување средства: плаќања со картички во трговијата и преку интернет, повлекување готовина од банкомати и на шалтерите во експозитурите, како и плаќања преку електронското и мобилното банкарство.

Исто така, физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Тоа значи дека граѓаните можат да ги користат средствата коишто дополнително ќе им бидат уплатени врз оваа основа без ограничување на износот.

Во однос на олеснувањата за компаниите, се овозможи исплата на платите, заедно со уплатата на соодветните даноци и придонеси, за компаниите коишто во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во Банката.

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги“, се додава во соопштението на Народната банка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK