Жерновски: Кривични пријави против СДСМ за ширење паника кај Мицкоски


andrej-zernovski-sdsm-12.11.2026-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дали СДСМ некаде ширеше паника? Да, но не кај граѓаните, туку кај Мицкоски и кај криминалната банда која е опкружена околу него, изјави денеска секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека врши притисок врз опозицијата поради случајот со Алта банка.


На прес-конференција, Жерновски тврдеше дека Мицкоски му наредил на гувернерот Трајко Славески да поднесе кривични пријави против претставници на СДСМ, меѓу кои и партискиот лидер Венко Филипче.

„Сведоци сме деновиве на едно панично штитење од страна на Мицкоски и од страна на Владата на Алта банка на Александар Вучиќ. Едноставно му нареди, буквално му нареди на Трајко Славески како гувернер да поднесе кривични пријави“, рече Жерновски.

Тој го спореди однесувањето на македонската власт со начинот на владеење на српскиот претседател Александар Вучиќ, оценувајќи дека станува збор за ист модел на притисок врз опозицијата.

„Имаме чист копи-пејст на тоа што го гледавме во Србија. Малиот Вучиќ од Македонија работи по налог на оригиналот од Србија“, изјави Жерновски.

Како пример го посочи случајот со наводната употреба на звучен топ за време на протестите во Белград, тврдејќи дека српските власти, исто како и македонските сега, ја обвиниле опозицијата за ширење паника.

Осврнувајќи се на случувањата со Алта банка, Жерновски ги обвини Мицкоски и Славески дека првично ја уверувале јавноста оти банкарскиот систем е стабилен, а потоа биле воведени ограничувања за клиентите на банката.

Според него, вистинската паника меѓу граѓаните не ја предизвикала опозицијата, туку постапувањето на надлежните институции.

Тој повторно ги изнесе обвинувањата на СДСМ за наводна поврзаност на Алта банка со сомнителни финансиски трансакции и перење пари, барајќи Обвинителството да ги испита околностите под кои банката влегла на македонскиот пазар.

„Сега на ред е обвинителството. Сега обвинителот Савески е на потег. Дали ќе застане на страна на правдата и на страна на вистината или ќе застане на страна на организираната криминална банда на Мицкоски?“, праша Жерновски.

На крајот, тој го обвини премиерот дека изнел невистини за улогата на претходната влада во влезот на Алта банка во Македонија и порача дека СДСМ ќе продолжи да бара одговорност.

„Мицкоски, доаѓа крај на твоите лаги. Веќе нема назад. Доаѓа време на вистината. Доаѓа време кога ќе одговараш“, порача Жерновски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK