Филков: ЕК го потврди сработеното, за две години поставивме темели за реформа на правосудството


20261108_111025.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Извештајот на Европската комисија за 2026 година е јасна потврда дека политиките што ЗНАМ ги спроведуваше во Министерството за правда во изминатите две години беа исправни, а реформите што ги започнавме и реализиравме даваат конкретни резултати, изјави министерот за правда, Игор Филков.

Според него, особено значајна е позитивната оценка за новиот Закон за Судскиот совет, донесен во декември 2025 година.

„Европската комисија утврдува дека законот ги адресира препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија. Комисијата конкретно истакнува дека со законот се подобрени транспарентноста и јасноста на постапките за избор на судии и водењето дисциплински постапки. Позитивна оценка доби и новиот Закон за Советот на јавните обвинители, донесен во 2026 година. И за овој закон Европската комисија констатира дека е имплементирано мислењето на Венецијанската комисија. Станува збор за два исклучително значајни системски закони. Со нив поставивме квалитетна законска основа за унапредување на независноста, транспарентноста и отчетноста при изборот и одговорноста на судиите и јавните обвинители“, рече Филков.

Тој го посочи и новиот Закон за парничната постапка, со кој, како што кажа, по повеќе од 20 годишен застој, се обновува една од најважните процесни законски рамки во државата.

„Со овој закон се предвидуваат суштински промени за модернизација и забрзување на граѓанските судски постапки. Донесувањето на овој закон значи исполнување на препораките на Европската комисија од Извештајот за 2025 година“, рече Филков.

Покрај законодавните реформи, додаде тој, особено значаен е и напредокот во спроведувањето на Развојната секторска стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028.

„Во реализацијата на активностите планирани за 2025 година бележиме значителен пораст и тоа од 42,9% за 2024 година, на 56,9% за 2025 година. Препознаен е и напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото. Тој претставува основа за усогласување со европското законодавство и исполнување на обврските во процесот на европската интеграција. Како позитивен исчекор, во извештајот е нотирано и потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото во мај 2026 година. Ова е важно за прифаќање на меѓународните стандарди за одговорно користење на вештачката интелигенција. Би сакал да се осврнам накратко и во делот на критиките во извештајот“, рече Филков.

Тој кажа дека во текот на неговиот двегодишен мандат, заедно со тимот во Министерството за правда, подготвени се вкупно 33 закони.

„Пет од нив се веќе донесени, 2 се во Собраниска процедура, 10 во владина процедура, а останатите објавени на ЕНЕР или финализирани. Зад овие 33 закони стојат илјадници часови работа, стручни анализи, јавни дебати, консултации со домашни и меѓународни експерти и усогласувања со европски и меѓународни стандарди. За прв пат, пред донесување на било кој закон, од Министерството за правда, прокрај организираните стручни дебати, беа организирани и јавни дебати од страна на Собранието на Република Македонија. Тоа е многу битно да се напомене“, рече Филков.

Според него, позитивната оценка на Европската комисија е огромна потврда за вложениот труд и реализираните реформи.

„Поставивме важни темели, но за постигнување на крајната цел – независно, ефикасно и праведно судство – неопходно е да се задржи континуитетот, да се донесат преостанатите подготвени закони и доследно да се спроведе започнатото. Започнавме сериозен процес но, за да бидат завршени реформите во интерес на граѓаните, и во целост, мора активно да се вклучат сите засегнати чинители и страни. ЗНАМ останува доследен на принципот на владеење на правото и дава целосна поддршка на институциите во овие комплексни процеси, како внатрешен коректив на Владата“, рече Филков.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK