Музичкото дуо Дац и Александар ја објави својата обработка на песната „Ѕма Ѕма Ѕм“. Изданието е посветено на Славе Димитров по повод неговиот 80. роденден, а продукцијата ја потпишува Дарко Димитров.
Во спотот снимените учесници се дел од филмска кабаре-приказна, обликувана и со помош на AI-алатки.
Меѓу нив се Дац и Александар и Славе Димитров. Новата песна и видеото беа претставени на 5 ноември во 12 часот. Новото издание е подготвено по идеја на Славе Димитров и неговиот син Дарко Димитров, кој е и музички продуцент.
На Драган Спасов Дац и Александар Митевски како придружни вокали им се приклучуваат Маја Гроздановска Панчева и Билјана Ѓошева.
Патот на песната почнува со групата „Македонија“ и Скопскиот фестивал во 1978 година. Музиката ја напиша Славе Димитров, а текстот Иван Карадак. Обработката ќе се слушне и на јубилејниот концерт за Славе Димитров, закажан за 28 ноември во Македонската филхармонија. Дац и Александар ќе настапат како гости, заедно со Маја Гроздановска Панчева и Билјана Ѓошева.