Горан Марковиќ, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, оди на повисока лидерска позиција во Дојче Телеком. Во новата улога – Виш потпретседател за комерцијален раст за Европа – тој стапува на 1 јануари 2027 година и ќе биде одговорен за успешниот раст на комерцијалниот бизнис на девет европски пазари, вклучително и Македонија.
Горан беше на позицијата Главен извршен директор од јули минатата година. Во периодот на неговото раководење, Македонски Телеком оствари значајни резултати, трансформација и раст: го унапреди корисничкото искуство, вложи во развојот и задоволството на вработените и го зголеми придонесот на компанијата во општеството. Истовремено, се продлабочи дијалогот со институциите за дигиталниот развој на земјата.
Под негово водство, Македонски Телеком продолжи со инвестиции во инфраструктурата, ја воведе првата 5G+ мрежа во земјата и го зацврсти технолошкото лидерство. Поради силниот фокус на корисниците, први на пазарот, го воведовме портфолиото Unlimited и поставивме нови стандарди во услугите. Овој пристап придонесе за врвно корисничко искуство, раст во сите сегменти и силни финансиски резултати.
Истовремено, Македонски Телеком го зголеми и својот придонес во општеството, проширувајќи ја поддршката за спортот, културата, дигиталното образование, инклузијата и развојот на заедницата.
Се унапреди и дијалогот и соработката со Владата и институциите, а меѓу најзначајните чекори беа потпишувањето на Меморандумот за соработка во јули 2025 година и официјалната посета на владината делегација на Дојче Телеком во Бон во ноември годинава.
Еден од главните фокуси беше и развојот на вработените и организациската култура. Со модернизација на процесите, нови начини на соработка меѓу тимовите и примена на AI во работата се зголеми и задоволството на вработените.
Преку остварените резултати и посветеноста на корисниците и вработените, Македонски Телеком дополнително го зацврсти својот статус во Групацијата како успешна компанија со значаен придонес во европскиот сегмент на Дојче Телеком, а го зголеми и придонесот во Македонија.
„Голема чест ми беше да ја водам компанијата и да работам со луѓето што секојдневно придонесуваат за нејзиниот успех. Постигнатото е резултат на нивната посветеност, довербата на нашите корисници и добрата соработка со партнерите и институциите. Особено сум горд што Македонски Телеком, како компанија од мал пазар, продолжи да се позиционира на највисоко ниво во Групацијата. Во новата улога ќе продолжам да работам на растот и развојот на европските пазари, меѓу кои и македонскиот пазар, што ми стана особено близок“, изјави Горан Марковиќ.
Горан Марковиќ останува во Одборот на директори на Македонски Телеком и ќе продолжи да биде на позицијата Главен извршен директор на Македонски Телеком до 1 јануари 2027 година. Процесот за избор на нов главен извршен директор на Македонски Телеком е во тек.