По повеќе од 15 години запуштеност и негрижа, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција за потребите на македонската полиција. Објектот, кој повеќе од деценија и пол беше надвор од употреба, со инвестиција од околу 5,7 милиони денари е обновен и оспособен за неполни три месеци.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија во Идризово, каде што имаше можност да се увери во функционалноста на обновениот базен, во кој веќе се вршеше проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
„Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен, го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност“, истакна Тошковски.
Обновениот базен ќе се користи за обука на идните полицајци, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби и одржување на физичката подготвеност на полициските службеници. Со неговото повторно ставање во функција се создаваат дополнителни услови за унапредување на професионалните способности и подготвеноста на македонската полиција.
Базенот има и посебно место во македонската филмска историја. Токму во овој објект во 1977 година се снимале сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од големиот спортски подвиг на Атина Бојаџи, соопшти министерството.
„Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници, затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија“, порача Тошковски.