Талентите надвор од канцеларијата се гледаат и во неа


Daniela
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Diners Club Македонија сите се знаат по име. Тоа, вели Даниела Ристевска, не е мала работа кога тимот од неколку десетици луѓе се грижи за над десетици илјади членови, 24 часа на ден. Зад секој повик и секоја решена ситуација стои некој што дошол на работа со желба. Таа желба, објаснува таа, се гради со обуки, тим билдинзи, силен onboarding и простор секој да биде свој. Најдобриот доказ доаѓа од самиот врв на компанијата: директорката за продажба и маркетинг на 26 октомври седнува зад тапаните на BIZBendovi. Разговаравме што значи вистинска грижа за вработените и зошто талентите надвор од канцеларијата се гледаат и во неа.

Што значи грижата за вработените во Diners во пракса, од секојдневието до поголемите моменти?


За нас тоа почнува од едноставни работи: колегите да се чувствуваат слушнати, да знаат што се очекува од нив и да имаат поддршка кога им треба. Ние сме мал тим, сите се знаеме по име, и тоа е наша предност. Кога некој има проблем, не останува сам со него.

Во поголемите моменти, тоа значи да славиме заедно, но и да бидеме тука кога е тешко. Тоа се редовните обуки и едукации, тим билдинзите на кои се дружиме надвор од канцеларија и силната onboarding програма, која секој нов колега го води од првиот ден. Веруваме во едноставна логика: ако се грижиме за нашите луѓе, тие ќе се грижат за нашите членови.

Што бараат луѓето денес од работодавачот, покрај платата, и како Diners одговара на тоа?

Луѓето денес бараат смисла, баланс и простор да растат. Платата е важна, но не е доволна за некој да остане и да се чувствува дома во една компанија.

Кај нас тоа значи можност за учење и развој, отворена комуникација со раководството и почит кон времето надвор од работа. Затоа постојано вложуваме во обуки и едукација, за секој да може да ги надградува своите вештини. И нешто што често се заборава: луѓето сакаат да бидат дел од компанија на која можат да се гордеат. Кога Diners е на Драмски, на концерт или на BIZBendovi, тоа го чувствуваат и вработените.

Колку е важно вработените да имаат простор за своите хобија и таленти? Имате ли пример од вашиот тим?

Многу е важно. Човек не е само неговата работна позиција, и колку повеќе простор има да биде свој, толку повеќе енергија носи и на работа.

Најдобриот пример ни е токму сега пред очи. Нашата колешка Весна Терзиевска, директор за продажба и маркетинг, по образование е музичарка и го основала првиот женски рок бенд во Македонија. По повеќе од 20 години во Diners, таа повторно седнува зад тапаните и излегува на сцена. Тоа ни покажува колку таленти се кријат зад секоја канцелариска врата.

Ваша колешка настапи на BIZBendovi со бендот The Cards. Како компанијата ги поддржува луѓето кога ќе се осмелат на вакво нешто?

Прво, со аплауз. Многу е важно некој да знае дека колегите стојат зад него, особено кога излегува од својата зона на удобност. Не е лесно да застанеш на сцена пред бизнис публика.

Во пракса, тоа значи разбирање за пробите, време и флексибилност, и секако, полна сала колеги на 26 октомври. Да бидеме главен партнер на BIZBendovi е за нас и порака до сите вработени: ако имате нешто свое, ние ќе бидеме тука да ве поддржиме.

Што може да очекува некој што сега започнува кариера во Diners?

Може да очекува силна onboarding програма и тим во кој брзо ќе стане дел од приказната. Кај нас новите колеги не се број, имаат вистинска одговорност и учат од искусни луѓе што сакаат да го пренесат своето знаење.

Може да очекува и бренд со историја од над 75 години во светот и 30 години во Македонија, но кој постојано се менува: нови производи, дигитални услуги и нови идеи. И можеби најубаво од сè, место каде што е во ред да ги покажеш и своите таленти надвор од работата. Кој знае, можеби следната година ќе свири во нашиот бенд.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK