Изградбата на интерконективниот гасовод со Грција, подготовката на гасното поврзување со Србија и активностите за оспособување на изградените домашни делници се конкретните процеси преку кои продолжува развојот на гасната инфраструктура во Македонија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и НОМАГАС работат на создавање услови за посигурно снабдување, пристап до различни извори на природен гас и поголема регионална поврзаност, информираат од таму.
„На интерконекторот со Грција, во должина од 68 километри на македонска територија, се реализираат градежните активности. Според проектните податоци доставени на 19 октомври, испорачани се 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се спуштени во ров. Реализацијата на експропријацијата е наведена со 97 проценти.
Договорот за изведба е склучен на 7 мај 2025 година, а планираното завршување е во средината на 2027 година. Финансиската конструкција на проектот опфаќа инвестициски грант и договори за заеми со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Ова поврзување треба да отвори дополнителни можности за снабдување со природен гас и да ја зајакне сигурноста на системот.
Паралелно се подготвува интерконекторот со Србија, со предвидена должина од 23 километри на македонска територија. По договорот од 27 август 2026 година започнати се активности за дефинирање на трасата и проектирање. Според проектната документација, предвидено е финансирање од сопствени средства на НОМАГАС“.
Се работи, додават во соопштението, и на создавање услови за пуштање во употреба на домашните гасоводни делници. „На Клечовце–Неготино и Неготино–Битола, според доставените материјали, се спроведуваат активности за сервисирање, проверка на интегритетот и сушење, по што е предвидено тие да продолжат и на Скопје–Тетово–Гостивар. Трите делници имаат вкупна должина од 277 километри. Техничките проверки и подготовката се неопходни чекори за нивно безбедно ставање во функција.
Овие активности покажуваат дека гасоводното поврзување продолжува, со проекти во различни фази: изведба, проектирање и подготовка за употреба. Напредокот треба да се оценува според реализираните работи и исполнетите технички услови, а не преку општи политички квалификации за откажување од гасификацијата.
Во однос на реакциите на СДСМ и Левица за ребалансот, Министерството појаснува дека буџетските усогласувања се разгледуваат според намената на средствата, условите за нивно користење и можноста за реализација во тековната година. „Промената во потпрограмата „Гасификација“ не треба автоматски да се изедначува со кратење на средствата за изградба на гасоводите. И покрај претходно дадените појаснувања, продолжува да се изнесува неточното тврдење дека буџетското усогласување значи откажување од гасификацијата, со што јавноста се доведува во заблуда.
Средствата за кои Министерството претходно даде образложение беа планирани за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви. За нивно користење не е доволно само да се обезбедат гас и складиштен простор: потребен е и сигурен транспортен капацитет до Македонија. Ограничената достапност на прекуграничните капацитети кон Бугарија влијае врз можноста оваа набавка да се реализира според планираната динамика. Оттука, буџетското усогласување треба да се разгледува во контекст на реалните услови за снабдување, а не како одлука за напуштање на гасификацијата.
Изградбата на гасоводната инфраструктура е одделен процес, со конкретни договори, извори на финансирање и технички фази. Напредокот на интерконекторот со Грција, подготовката на поврзувањето со Србија и активностите на домашните делници се показателите според кои треба да се оценува реализацијата. Министерството останува насочено кон безбедно ставање на инфраструктурата во функција и создавање услови за посигурно и поразновидно снабдување со природен гас“.