Албанскиот министер за надворешни, Ферит Хоџа, за “Надворешна” на МРТ: Се надевам дека протестите во Албанија нема да се имитираат низ регионот


protest_albanija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Еди Рама нема да си поднесе оставка, а насилните протести во Албанија се резултат на странско влијание, откако група екстремисти се инфилтрираше меѓу студентите – ова е заклучокот на шефот на албанската дипломатија, Ферит Хоџа во неговото синоќешно ексклузивно гостување во “Надворешна” на МРТ.

Тој вели дека барањата на студентите се легитимни и треба да бидат слушнати, но сега протестите “се киднапирани” од насилници, кои кршат и уништуваат сѐ пред себе: „Видовме екстремисти, видовме антисемитизам, што е нечуено за Албанија… Овие дечки се подготвени, добро се организирани и само сакаат да имаат насилство како единствено средство за да изразат што и да сакаат да изразат. Единствените барања што досега ги чувме се од оние во првите редови кои фрлаат камења, уништуваат и палат продавници, уништуваат банки и палат сѐ што ќе најдат пред себе, напаѓаат амбасади, знаете дека и канцелариите на ОБСЕ беа нападнати, знамето беше симнато. Има мали групи со различни наративи, но се обединети кога велат дека бараат оставка од премиерот и сакаат да ја соборат Владата и ултимативно сакаат избори. Ова се политички барања и знаеме дека не можете да постигнете политички цели со насилство. Насилството не е решение, тоа раѓа само повеќе насилство”, вели Хоџа и додава дека сега Албанија прво мора да го ревоспостави редот, па потоа да дојде сѐ друго.


На обвинувањата за прекумерна употреба на сила и полициска бруталност тој вели дека полицијата мора да одговори кога е нападната и дека тоа го правела согласно протокол, а на прашањето која странска држава е главен осомничен дека стои зад овие настани, тој одговара Русија аргументирајќи со фактот дека мастермајндот  на актуелниот руски естаблишмент, Александар Дугин дал јавна поддршка на демонстрантите.

Хоџа порачува дека ако овие протести се прелеат низ регионот тоа ќе направи штета секаде: „Се надевам дека ова што тука се случува нема никаде да има ефекти. Се надевам дека никој во друга земја нема да имитира што овие мали групи екстремисти прават во Албанија, тоа ќе направи штета секаде”.

Во интервјуто, Хоџа зборуваше и за европскиот пат на Албанија, пренесувајќи дека главната предност на албанското општество е што кога се работи за европските интеграции има силен консензус низ сите партии и кај сите функционери од најнизок до највисок ешалон.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK