Од 1 декември, максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години, одлучи Извршниот одбор на Народната банка.
Одборот донесе одлука за измени и дополнувања на макропрудентните мерки за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со измените се намалува максималниот дозволен ДСТИ – односот меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот – и се скратува максималниот рок на отплата на одредени видови кредити. Целта е превентивно, во услови на здрав и стабилен банкарски систем, да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност. Поповолниот третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште останува непроменет.
„Измените се донесуваат во услови на здрав и стабилен банкарски систем, без присутни системски ризици, при што квалитетот на кредитното портфолио на физичките лица и понатаму се подобрува. Истовремено, кредитната активност кон физичките лица продолжува да расте. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите на физичките лица достигна 12,2%, наспроти 11,2% во 2025 година. Највисок раст е забележан кај станбените кредити, од 16,6%“, соопшти Народната банка.
Со измените, максималната вредност на показателот ДСТИ се намалува за 5 процентни поени – од 50% на 45% за кредитите во денари и од 45% на 40% за кредитите со валутна компонента. ДСТИ покажува колкав дел од месечниот приход може да се користи за отплата на кредитите. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште лимитите остануваат непроменети – 50% и 45%, соодветно.
Истовремено, максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години, а на хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште рокот останува 30 години.
„Народната банка за првпат ги воведе овие макропрудентни мерки во јули 2023 година, а нивната поставеност дополнително се зајакна од декември 2025 година. Досегашните податоци покажуваат подобрување на структурата на новото кредитирање, со намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар. Оттука, дополнителното воведување мерки има превентивен карактер и е насочено кон навремено ограничување на потенцијалните ризици од прекумерно задолжување, пред да се остварат“, велат од Народната банка.
Со мерките се задржува и поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште, имајќи ја предвид специфичната намена на овие кредити.
Одлуката ќе започне да се применува од 1 декември 2026 година.