ВОДОРОД НАМЕСТО ПРИРОДЕН ГАС? (1 дел)


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Две работи ме поттикнаа да напишам нешто на тема водород како едно од “зелените“ горива на иднината. Во Република Македонија (РМ) последниве години има масовно инсталирање на системи за производство на електрична енергија од обновливи извори, претежно од соларни фото-панели и помал дел од ветерни електрани, а постои тренд за изградба на нови капацитети. Но тие работат кога има сонце и ветер, а во тие моменти дури има и вишок на електрична енергија што не може да се потроши. Од друга страна, продажната цена во тие часови е многу ниска. Се наметнува потребата од складирање на електричната енергија, а наједноставно е да се инсталираат батериски системи кај оние што можат да инвестираат во таква опрема. Но тие се релативно скапи, а складираат електрична енергија само за околу два (неколку) часа. Веројатно ќе има подобрување на батериите во иднина, некоја иновација, но тоа е неизвесно.

За складирање на вишоците на произведена електрична енергија постои решение и со пумпно акумулациони езера во некои вдлабнатини меѓу брда и планини кои ги има во нашата земја (на пр. над “Козјак“), но и во систем со пумпно акумулациони хидроелектрани, како на пример “Чебрен“ на Црна Река. Ова се капитални инвестиции за кои треба повеќе пари и време за изградба.


Тука се поставува логично прашање: дали може вишокот електрична енергија добиен од обновливи извори да послужи за производство на водород кој што може да се складира и да се користи во било кое време кога има потреба? Одговорот не е едноставен, а причините за тоа ќе бидат согледани понатаму во написов.

Втората работа што ме поттикна да пишувам за водородот е изградбата која е во тек на интерконекторот за гасно поврзување со Грција, а во блиска иднина ќе се гради гасен интерконектор и на север со Србија. Од Министерството за енергетика изјавуваат дека цевководите се изведуваат со понова технологија така што во иднина низ нив ќе може да се транспортира и водород. И тоа е добро решение бидејќи природниот гас веќе почна да се отстранува од употреба бидејќи е фосилно гориво при чие согорување се емитува јаглерод-диоксид (СО2).

Првин корисно е да се согледа каква е разликата меѓу горивата “природен гас“ (метан) и водород? Основната разлика е во нивниот хемиски состав, влијанието врз животната средина и начинот на кој се добиваат. Иако и двата се гасови што можат да се користат за производство на енергија и за погон на возила, тие имаат сосема различни карактеристики.

Еве директна споредба на клучните разлики:

  Природен гас (Метан – CH4) Водород (H2)
Хемиски состав Содржи јаглерод и водород. Тоа е фосилно гориво. Содржи само водород.
Емисии при согорување Ослободува CO2 и водена пареа. Ослободува само водена пареа.
Потекло / Добивање Се вади од подземни резервоари Се добива со електролиза или од метан
Енергетска карактеристика Помала по килограм, но има поголема густина, па зафаќа помалку простор. Висока по килограм, но бара голем простор или висок притисок
Инфраструктура Веќе постои развиена мрежа од гасоводи и бензински станици Во фаза на развој и бара специјални материјали.

Клучни аспекти во споредбата:

– Влијание врз климата: Природниот гас е поеколошки од јагленот и нафтата, но сепак придонесува за ефектот на стаклена градина бидејќи испушта јаглерод. Водородот (особено „зелениот водород“ добиен од обновливи извори) се смета за гориво на иднината бидејќи неговото согорување е 100% чисто.

– Складирање и безбедност: Водородот има многу мали молекули кои лесно можат да протечат низ стандардни цевки и споеви, и е многу запалив. Затоа кај него се бара посложена и побезбедна технологија за чување и транспорт во споредба со метанот.

 

– Цената на водородот во моментов е многу повисока од онаа на метанот.

 

Треба да се прави разлика помеѓу “зелен“ водород (обновлив водород) и т.н. “сив“ водород. Главната разлика е во начинот на нивното производство и нивното влијание врз животната средина иако крајниот производ е потполно идентичен.

Еве директна споредба во табелата подолу:

 

  Зелен водород Сив водород (Grey Hydrogen)
Извор на енергија Обновливи извори (соларна, ветерна, хидроенергија) Фосилни горива (природен гас / метан)
Технологија Електролиза на вода Хемиска реакција на метан
Еколошки отпечаток Нулта или речиси нулта емисија на CO2 Високи емисии на CO2 во атмосферата
Цена на производство Моментално поскап, но цената опаѓа. Најевтин и технолошки најзастапен во моментов
Застапеност на пазарот Многу низок процент (во фаза на голем раст) Доминантен (над 90% од светското производство)

Следува продолжение по неколку дена.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

02.10.2026

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK