Франција и Италија вечерва играат натпревар од Лигата на нации, а средбата меѓу старите ривали е во посебен фокус поради францускиот тренер Зинедин Зидан.
Легендарниот Французин имаше одличен почеток на својот мандат на клупата на „Триколорите“; Франција има две победи во првите две кола, против Турција и Белгија, и ја пречекува Италија на „Стад де Франс“ со максимални шест бода.
На другата страна ќе застане Роберто Манчини, кој повторно ја презеде италијанската репрезентација. По поразот од Белгија, тој успеа да ги врати „аѕурите“ на победнички патеки против Турција.
Комбинацијата на Франција, Италија и Зидан неизбежно враќа спомени од Берлин и финалето на Светското првенство во 2006 година. Тоа беше последниот професионален натпревар на Зидан, а беше обележан со момент што го обиколи светот.
Откако беше испровоциран од италијанскиот дефанзивец Марко Матераци, Зидан реагираше со удар со глава во градите. Доби црвен картон, а Италија стана светски шампион по продолженијата и изведувањето пенали. Дваесет години подоцна, Зидан е повторно пред Италија, но во сосема поинаква улога.
Пред новиот дуел со Италијанците, новинарите го прашаа Зидан за тој инцидент. „Не се чувствувам лошо поради тоа, но не се гордеам со тој потег“, кратко рече францускиот тренер.
Тој призна дека сликите од тој момент често му се враќаат. „Тие снимки постојано се репродуцираат и секогаш ме потсетуваат на тој натпревар. Но, има и други, многу поубави слики од мојата кариера. Претпочитам да размислувам за нив“, рече тој.
Кога го прашаа за неговиот однос со Матераци, тој беше краток: „Повеќе не разговарав со него“.