Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека досегашните докази укажуваат дека пилотот на компанијата „Флајдубаи“, кој нападна колега со нож за време на летот, имал намера да го собори авионот, но дека членовите на екипажот и еден патник го спречиле во тоа.
Нетанјаху, како што објави „Тајмс оф Израел“, изјавил дека еден од пилотите, кога авионот се приближувал кон Израел, го нападнал другиот пилот со нож и, се верува, се обидел да го собори авионот со патници.
Израелски патник, со кого Нетанјаху разговарал, и член на екипажот успеале да влезат во пилотската кабина и да го запрат пилотот додека се обидувал да ги оштети системите на авионот, рече израелскиот премиер.
Потоа друг член на екипажот влегол во кабината и успеал да го стабилизира авионот.
„Во постојан контакт сме со властите со цел да се гарантира континуирана безбедност на патниците и нивно безбедно враќање дома“, рече Нетанјаху, додавајќи дека Израел редовно ја проценува безбедносната ситуација.
Според него, осомничениот пилот е уапсен и е испрашуван од властите на Саудиска Арабија.
Нетанјаху рече дека им наредил на израелските безбедносни служби да преземат мерки за да спречат слични обиди во иднина.
Ги пофали патникот и членовите на екипажот кои, како што рече, „спасиле многу животи“ и покажале голема храброст.
„Тие спречиле сериозна трагедија“, рече Нетанјаху, истакнувајќи дека речиси сите патници биле Израелци.
Авионот на компанијата „Флајдубаи“, со повеќе од 100 израелски патници, летал од Дубаи до Тел Авив кога пуштил сигнал за итни случаи и код што укажува на киднапирање или друго нелегално мешање во летот. Потоа авионот слета на аеродромот во Табук, Саудиска Арабија, пренесуваат медиумите.