Општина Кисела Вода и Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници „Лајка“ – Скопје, ги повикуваат сопствениците и љубителите на животни на настан во сабота, на 03 октомври, во паркот „Македонија“ пред Домот на култура „Билјана Беличанец“.
Под мотото „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“, настанот се организира во пресрет на Светскиот ден на животните. Дневната програма започнува во 11:00 часот, а просторот во паркот ќе претставува интерактивна зона за посетителите и милениците. Присутните ќе можат да добијат стручни совети од ветеринарен лекар за здравствената грижа и исхраната, додека професионални грумери ќе одржат практични демонстрации, консултации и шишање на кучиња. Во рамките на настанот предвидени се и содржини од пет-шопови, презентации на храна и реквизити. Исто така, сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност на лице место да вдомат бездомни кучиња од стационарот на „Лајка“. Продолжението на програмата следува во вечерните часови, со почеток во 19:00 часот, на истата локација пред киното „Киноверзум“.
Таму ќе се одржи кино проекција на отворено на филмот „Приказната за Силјан“, настан на кој граѓаните можат да присуствуваат во друштво на своите миленичиња.