Фудбалерот на Баерн Минхен, Михаел Олисе, е подготвен да потпише нов долгорочен договор со германскиот клуб, но со услов да вклучи многу вредна откупна клаузула што би му ја задржала контролата врз неговата кариера, објавија германските медиуми.
Баерн сака да му понуди на Олисе нов, подобрен договор за да го задржи во клубот до 2032 година, наместо до 2029 година.
Олисе сега добива 14 милиони евра годишно, а клубот би му понудил повеќе од 24 милиони и би го изедначил со Хари Кејн и Џамал Мусијал. И покрај профитабилната понуда, претставниците на францускиот фудбалер се двоумат, а според „Билд“, Олисе ќе потпише нов договор што вклучува клаузула за откуп на договорот од близу 200 милиони евра, за да биде сигурен дека самостојно ќе одлучува за својата иднина.
Олисе ја започна сезоната добро, во седум натпревари учествуваше во 12 гола за Баерн.
Членот на Надзорниот одбор на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге, изјави дека приоритет на клубот е да го награди фудбалерот со нов договор.
„Олисе има договор до 2029 година. Во одреден момент, клубот ќе му достави соодветна понуда. Тој е исклучителен на својата позиција“, рече Румениге.
Ова лето се шпекулираше дека Олисе би можел да се пресели во Реал Мадрид, а весникот „Лекип“ објави дека 24-годишниот играч разговарал за тоа со соиграчите од француската репрезентација Килијан Мбапе и Орелиен Чуамени за време на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Foto/ depositphotos