Добро познатата „Школка“ во Градскиот парк беше местото каде што викендов се одржа првата „Родителска средба без оценки“, организирана од Македонски Телеком. Родители, деца, експерти и јавни личности се собраа на едно место за да отворат важен разговор за тоа како заедно можеме да ги заштитиме децата од врсничко и онлајн насилство и да создадеме средина во која ќе растат без страв од навреди, исмевање и омраза.
Настанот го отвори детскиот хор „Златно Славејче“ со моќна изведба на песната „Брзај, брзај прваче“ од Косара Гочкова, која е и главен мотив во кампањата на Телеком „Скрши го кругот на насилството. Не биди публика.“ Кампањата е дел од поширока иницијатива за средина без насилство и интернет без омраза која вклучува партнерство со Министерството за образование и наука и конкретни активности за едукација и активно вклучување на младите.
Централен дел од настанот беше панел-дискусијата посветена на врсничкото и онлајн насилство, во која учествуваа д-р Владимир Чадиковски, психологот Ивана Хаџиванова, музичарите Сара Мејс, Тони Зен и Пајак и инфлуенсерката Кики Мукаетова. Низ отворен разговор за предизвиците со кои се соочуваат децата и младите денес, панелистите зборуваа за улогата на родителите, училиштата, врсниците и целото општество во препознавањето и спречувањето на насилството, како и за важноста да реагираме наместо да бидеме само публика.
Своја важна улога на настанот имаа и младите од „Нет без хејт“, националното младинско движење создадено во рамки на долгогодишното партнерство меѓу Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ. Движењето опфаќа млади од цела Македонија и ги поставува како лидери и креатори на позитивни промени за побезбеден, похуман и поинклузивен дигитален свет. На настанот младите претставија една од иницијативите на кои работат – каравани за родители низ повеќе градови во Македонија, каде заедно со психолози ќе разговараат за градење доверба и отворена комуникација меѓу родителите и децата.
Настанот заврши со забавна програма за најмладите со нивните добро познати херои Биби и Боби, заокружувајќи еден ден посветен на разговор, дружење и заедничка порака – создавањето побезбедна средина за децата е одговорност на сите нас.
Големиот интерес за првата „Родителска средба без оценки“ уште еднаш покажа дека врсничкото и онлајн насилство не се тема само за децата и родителите. За вистинска промена потребни сме сите – семејствата, младите, училиштата, институциите, бизнис-заедницата и целото општество.









