Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, денеска се обрати на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“.
Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со коишто се соочува Европската Унија и потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан, како прашање за кое Унијата има целосна контрола и одлучувачка моќ.
Осврнувајќи се на европскиот пат на земјава, претседателката потсети дека од 35 години независност, дури 21 година сме кандидат за членство во Европската Унија, со 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, висок степен на хармонизација со европското законодавство и стопроцентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика, како и дека земјата е меѓу најуспешните во европските реформи и во спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.
Таа посочи дека ниту една европска држава на својот интегративен пат не понела толку тежок товар: го променивме државното знаме, уставното име и усвоивме 36 уставни измени, најголем дел диктирани од надвор.
„Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи. Членот 4(2) од Договорот за ЕУ ја обврзува Унијата да ja почитува еднаквоста на државите-членки и нивните национални идентитети, вградени во нивните основни политички и уставни структури. А сепак, во нашиот случај, уставната промена условена од билатерален историски спор се претставува како тест за нашиот демократски капацитет“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, заострената реторика покажува колку бргу регионот може да назадува кога европската перспектива станува нејасна. Таа посочи дека единствената сила што може да ги смири балканските духови и да го придвижи регионот напред е кредибилна перспектива за членство во ЕУ.
„Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ“, истакна претседателката.
Таа нагласи дека проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратешки.
„Ако сака поголема геополитичка тежина, Европа мора да биде похрабра и поконзистентна: помалку непредвидливост, повеќе меритократија; помалку патернализам, повеќе вистинско партнерство“, истакна претседателката.
За неа, наместо катализатор за реформи, процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхагенските критериуми.
„Кога напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи својата кредибилност. Тоа веќе не е само проблем на кандидатите, туку институционален проблем за самата ЕУ“, порача Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на реформите на проширувањето, претседателката укажа на три суштински промени:
Прво, системот на заслуги мора да биде заштитен. Ако една земја ги исполни објективните критериуми, не смее друга земја да го запре нејзиниот технички напредок поради прашање што не е дел од европските критериуми.
Второ, членството не смее да создава Европа од прв и втор ред. Заштитните механизми може да бидат легитимни, но мора да бидат објективни, пропорционални и временски ограничени. Целта на реформата не може да биде создавање трајна хиерархија меѓу членките.
И трето, постепената интеграција може да донесе реални придобивки уште пред полноправното членство, но само ако води кон членство, а не кон трајна замена за него.
На крајот, таа заклучи дека реформата на проширувањето не е услуга за Западниот Балкан, туку инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата Европска Унија.