Две џиновски панди од Ченгду, југозападна Кина, денеска се упатени кон својот нов дом во зоолошката градина во Атланта, САД, како дел од договорот меѓу двете земји.
Пандите Пинг Пинг и Фу Шуанг, и двете на возраст од шест години, ќе бидат позајмени на зоолошката градина во Атланта на 10 години. Досега биле чувани во Истражувачката база за одгледување џиновски панди во Ченгду.
Испраќањето на пандите следува непосредно по тридневната државна посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Вашингтон и неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Си за време на посетата најави дека пандите ќе пристигнат во Атланта во наредните денови.
Атланта е без панди од 2024 година, а новиот договор за нивно испраќање беше објавен во април годинава, без да биде прецизиран датумот на пристигнувањето.
Позајмувањето на пандите се смета за еден од конкретните резултати од посетата на Си, во текот на која двајцата лидери изразија подготвеност за соработка, но не постигнаа решенија за дел од долгогодишните несогласувања меѓу САД и Кина.
Кина со децении ги користи пандите како дел од својата дипломатија, испраќајќи ги во други земји преку програми за позајмување како знак на добра волја.
– Програмата за позајмување панди е пример за пријателството меѓу Кинезите и Американците, изјави Си Џинпинг.