Загреб во понеделник би можел да остане без јавен превоз.
Работниците на Загрепскиот електричен трамвај, односно ЗЕТ, најавуваат штрајк. Ако дотогаш не се постигне договор, штрајкот треба да започне во понеделник во 3 часот и 30 минути.
Тоа би значело дека трамваите и автобусите на ЗЕТ би можеле целосно да престанат да сообраќаат.
Синдикатите бараат повисока основица на платите, подобри коефициенти и нови колективни договори. Досегашните преговори не донеле договор, а денешната нова средба со раководството е обид во последен момент да се избегне штрајкот.
Доколку до него дојде, проблем ќе имаат илјадници Загрепчани кои секојдневно се потпираат на јавниот превоз за да стигнат на работа, училиште или во болница.
Градоначалникот Томислав Томашевиќ ги предупреди граѓаните дека може да има големи сообраќајни гужви и ги повика оние кои можат да работат од дома да го сторат тоа.
Но, штрајкот би можел да донесе проблеми и со комуналните услуги.
Работниците на Загрепски холдинг, исто така, најавуваат штрајк. Холдинг е задолжен за низа услуги во градот, меѓу кои собирање отпад, одржување на улиците и зелените површини.
За време на штрајкот би се извршувале само неопходните услуги. Би продолжило собирањето отпад од болници, градинки, здравствени домови и старечки домови, како и погребните услуги.
Редовното собирање на отпадот од домаќинствата, пак, би можело да биде прекинато или значително намалено.
Ако штрајкот потрае неколку дена, Загрепчани би можеле да се соочат со две сериозни последици – застој во јавниот превоз и повеќе несобран отпад по улиците.