Скопје влегува во период на значајна модернизација на јавниот превоз и сообраќајната инфраструктура. Владата ја засилува поддршката за решавање на долгогодишните проблеми со јавниот транспорт, со инвестиции во нови електрични автобуси, БРТ и градскиот воз, но и со конкретно решение за еден од најголемите проблеми во градот, а тоа е недостигот на паркинг места кај Клиничкиот центар.
Според најавите во рамките на обновувањето на автобускиот возен парк, за целата држава се предвидени 75 станици за полнење, 150 електрични автобуси, од кои 100 се наменети за Скопје, а 50 за останатите градови. Паралелно се подготвува и реализацијата на БРТ, проект кој со години беше одложуван. За првата фаза, која го опфаќа поврзувањето на Ѓорче Петров со Ново Лисиче, веќе е распишана тендерска постапка, додека во продолжение е предвидена набавка на околу 40 нови еколошки автобуси.
Дополнителен сегмент е градскиот воз, чија прва траса од Транспортниот центар до Зелениково веќе е реализирана. Предвидени се уште две траси кон Аеродром и Скопје-Север, односно кон Ѓорче Петров со што постепено би се опфатиле сите краци на градот.
Суштината на владината политика е во тоа што овие проекти треба да создадат интегриран и посовремен систем на јавен превоз, во кој електричните автобуси, БРТ и градскиот воз ќе се надополнуваат. БРТ-системот да биде поврзан со градскиот воз кај Железничката станица, каде што ќе има пристапни места и автобуски постојки за патниците да можат да продолжат со патувањето со воз или автобус.

Од тука произлегува дека целта не е само набавка на нови возила, туку создавање транспортен систем кој ќе понуди поефикасна алтернатива на автомобилот и ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж.
Паралелно со модернизацијата на јавниот превоз, се преземаат активности и за проблемот со паркирањето кај Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој со години претставува сериозен проблем за пациентите, вработените и посетителите. Распишана е тендерска постапка за две монтажни паркинг-гаражи со капацитет од повеќе од 520 возила, а по завршувањето на постапката е најавен почеток на изградбата.

Ова е особено значајно затоа што проблемот со паркирањето треба да се решава веднаш, а не да се чека изградбата на новиот Клинички центар. Така, владината заложба за нов здравствен комплекс оди паралелно со краткорочно решение за секојдневниот проблем со кој се соочуваат граѓаните.

На тој начин, повеќе проекти се вклопуваат во една поширока сообраќајна политика: нови електрични автобуси, БРТ, градски воз и зголемен паркинг-капацитет кај Клиничкиот центар. Владата преку овие инвестиции се обидува да решава проблеми кои со години се таложеле, а кои директно влијаат врз квалитетот на живот во Скопје.

Следниот чекор на Владата е овие проекти да се претворат во целосно функционален систем со навремена испорака на автобусите, изградена инфраструктура за полнење, реализација на БРТ и изградба на најавените паркинг-гаражи. Токму успешната реализација ќе покаже колку овие владините политики ќе се почувствуваат во секојдневието на скопјани.