Герасимовски: ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го отворија патот за спорната градба кај „Кузман“


454bacf4-bee0-4b85-ae07-24c4618f6442.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на денешната 11. седница на Советот на Општина Центар не ја поддржаа Предлог-одлуката за суспензија на дел од ДУП „Буњаковец 1“, со која требаше да се спречи реализацијата на спорната градба кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, сè додека не се обезбедат безбедни и правно сигурни услови за пристап и реализација на објектот, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.


За суспензијата гласале 10 советници, што не било доволно за донесување на одлуката. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не дале поддршка.

Герасимовски појаснува дека станува збор за градежна парцела на аголот на булеварите „Климент Охридски“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, за која Општина Центар уште минатата година укажала на сериозни безбедносни и правни проблеми.

Единствениот пристап до парцелата минува покрај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, каде што се наоѓа резервоар со запаллива материја што се користи за греење, што претставува потенцијален ризик од пожар.

Дополнително, вели Герасимовски, пристапот до парцелата минува преку подземни инсталации што ја снабдуваат околната населба и студентскиот дом, како и преку објекти легализирани во минатото, за чие отстранување се потребни дополнителни постапки кои можат да предизвикаат сложени правни последици.

Градоначалникот на Општина Центар оцени дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со тоа што не дале поддршка за суспензијата, наместо да го заштитат јавниот интерес, го отвориле патот за реализација на спорната градба.

„Минатата година Советот со 19 гласа ЗА ја поддржа суспензијата затоа што сите бевме свесни за ризиците што ги носи оваа градба. Денес, проблемите се исти – нема соодветен и безбеден пристап, трасата минува покрај резервоар со запаллива материја, преку подземни инсталации и преку легализирани објекти. И покрај тоа, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ останаа воздржани и не дозволија суспензијата да биде изгласана. Кога знаете дека постојат вакви ризици, а сепак не гласате за суспензија, тогаш оправдано се поставува прашањето чиј интерес штитите – на граѓаните или на инвеститорот? За мене безбедноста и интересот на граѓаните мора да бидат пред секој друг интерес“, изјави Герасимовски.

Додаде дека неговиот став останува непроменет – на оваа локација не треба да се дозволи реализација на објект додека не се обезбедат целосно безбедни и законски услови за пристап, без загрозување на жителите, студентите и постојната инфраструктура.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK