Џини Бас, гувернерката на Лос Анџелес Лејкерс, правно ја оспорува одлуката на нејзините браќа и сестри да ги продадат преостанатите 17,8 проценти од семејниот удел во клубот на Џош Кушнер и Боб Игер.
Доколку зделката биде рреализирана, Бас би можела да ја изгуби позицијата што ја има од 2013 година.
Семејството Бас гласаше овој месец за продажба на преостанатиот удел во Лејкерс, но Џини тврди дека гласањето е неважечко.
Нејзиниот адвокат, Адам Стрејсенд, во писмото наведува дека продажбата не може да се изврши без согласност на сегашните доверители на семејниот фонд – Џини, Џени и Џои Бас.
Проблемот е што позицијата гувернер на Лејкерс бара најмалку 15 проценти сопственост.
Доколку се продаде уделот од 17,8 проценти на семејството, Џини Бас повеќе нема да го исполнува тој услов и ќе ја изгуби својата улога како контролен сопственик.
Според претходниот договор со Марк Волтер, требаше да остане на таа позиција барем до 2030 година.
Несогласувањата во семејството Бас траат со години, уште од смртта на Џери Бас во 2013 година.
Џини го отпушти својот брат Џим од позицијата раководител на кошаркарските операции во 2017 година, по што следеше тужба и обид на Џим и Џони да ја отстранат како контролен сопственик.
Продажбата на мнозинскиот удел на Марк Волтер минатата година не мина без контроверзии.
Тогаш Волтер ја презеде контролата врз Лејкерси по проценка на франшизата од 10 милијарди долари.
Сепак, сега Волтер се согласи да ги продаде ЛА Лејкерс на Кушнер и Игер за рекордни 12,5 милијарди долари.
Доколку се реализира договорот со семејството Бас, двајцата би контролирале околу 83 проценти од клубот.
Според „ESPN“, Џини била единствената од шесте деца на Џери Бас која не ја поддржала евентуалната продажба на семејниот удел.
Остатокот од семејството изјавил дека донеле заедничка одлука да ги продадат преостанатите акции.
„Ги сакаме Лејкерси и нивните навивачи и ќе продолжиме да го поддржуваме Лос Анџелес, но време е да ја искористиме оваа можност и да се пензионираме со достоинство“, се вели во соопштението на семејството Бас.
— OvoOno (@OvoOnoX) August 18, 2026
Сепак, страната на Џини тврди дека семејните доверители имаат обврска да зачуваат најмалку 15 проценти од сопственоста за да може таа да остане контролен сопственик.
Во писмото дури се наведува дека обидот за спроведување продажба без потребната согласност може да претставува кршење на довербата и фидуцијарните должности.
Семејството Бас ги поседува Лејкерси од 1979 година, кога Џери Бас го купи клубот од Џек Кент Кук за 67,5 милиони долари.
Под негово водство започна ерата на „Шоутајм“, а Лејкерси освоија пет титули помеѓу 1980 и 1988 година.
Подоцна, Коби Брајант и Лејкерси освоија уште пет шампионски прстени, додека Леброн Џејмс ја донесе 17-та титула на франшизата во 2020 година.
Доколку продажбата на семејниот удел биде завршена, тоа би можело да биде и дефинитивен крај на повеќе од четири децении долгата ера на семејството Бас во сопственичката структура на еден од најпознатите спортски клубови во светот.
Сепак, работата сè уште не е завршена. Продажбата мора да биде одобрена од Одборот на директори на НБА, а целиот процес би можел да трае неколку месеци.
Foto/ Depositphotos