Во однос на набавката на флаширана вода за Гостивар, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка“, велат од Владата, по обвинувањата од СДСМ дека е спроведена јавна набавка на вода без тендер.
Од Владата појаснуваат дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари.
„Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка“ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба. Фактите се јасни и лесно проверливи. Обидите за нивно искривување нема да ја променат вистината“, велат од Владата.
Од таму апелираат до СДСМ да престанат, како што велат, безобразно да лажат.
„Во отсуство на реални теми и аргументи, СДС повторно се служи со лаги и искривување на фактите, надевајќи се дека ќе ја доведе јавноста во заблуда. Владата останува доследна на преземената обврска дека граѓаните на Гостивар ќе добиваат безбедна вода за пиење сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба. Ова ветување целосно се исполнува и нема да биде доведено во прашање“, се наведува во реакцијата.