Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е под силен притисок од УЕФА, која сериозно ја разгледува можноста за бојкот на Светското првенство поради плановите за предавање на дел од комерцијалните права на ФИФА на приватни инвеститори.
Пред неколку месеци, Инфантино тесно соработуваше со американскиот претседател Доналд Трамп, а дури сега стана јасно што стои зад таа соработка.
Првиот човек на ФИФА сака да го одвои комерцијалниот дел од организацијата во посебна компанија и да продаде дел од сопственоста на приватни инвеститори, што би донело милијарди долари свеж капитал. Сепак, тој план наиде на жесток отпор од европската куќа на фудбалот (УЕФА).
По неодамнешната остра изјава на УЕФА, во која ја критикуваше насоката во која ФИФА го води светскиот фудбал, конфликтот меѓу двете најмоќни фудбалски организации наскоро би можел да се претвори во отворена војна.
Според „Скај њуз“, сите 55 членки на УЕФА оваа недела ќе одржат итен виртуелен состанок за да заземат заеднички став против основањето на нова комерцијална компанија на ФИФА со надворешни инвеститори.
Ваквата иницијатива дополнително го налути претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, и европските национални Сојузи, кои долго време изразуваа незадоволство од начинот на кој Инфантино ја води ФИФА. Иако првиот човек на светскиот фудбал ја има поддршката од Доналд Трамп, УЕФА наводно е подготвена да преземе радикален чекор.
Според извештаите, европските репрезентации се подготвени да се заканат со бојкот на Светското првенство доколку Инфантино не се откаже од овој проект.
Првото големо натпреварување кое би можело да биде засегнато од таков потег би било Светското првенство за жени во Бразил во 2027 година. Ова би претставувало и најголем конфликт меѓу УЕФА и ФИФА од 2021 година, кога Инфантино неуспешно се обиде да ја промовира идејата за одржување на Светското првенство на секои две години.
Планот на ФИФА вклучува основање компанија наречена „FIFA Forward Enterprise“, чија вредност би се проценувала на околу 20 милијарди долари.
Организацијата би продала повеќе од 20 проценти од сопственоста на нови инвеститори, со што би собрала приближно 4,2 милијарди долари.
Практично кажано, ФИФА сака да ги одвои комерцијалните активности – телевизиски права, спонзорства и организација на натпревари – во посебна компанија, чии акции би им биле понудени на приватни фондови и инвеститори.
УЕФА верува дека таков потег би претставувал комерцијализација на најважното фудбалско натпреварување и предупредува дека Светското првенство не е стока што може да се продаде, туку дел од глобалното спортско наследство.
Додека ФИФА тврди дека целта на проектот е развој на фудбалот и дополнителни инвестиции во спортот, европската куќа на фудбалот вели дека тоа е опасен преседан.
„Ова ги преминува сите линии што една фудбалска институција никогаш не треба да ги премине. УЕФА сето ова го сфаќа многу сериозно, а така треба да биде и секоја национална фудбалска асоцијација и сите актери во фудбалот – од лиги, клубови и играчи до навивачи и сите што се грижат за иднината на оваа игра. Душата и управувањето со фудбалот не се нешто што може да се продаде, особено без целосна транспарентност за тоа кој ќе има финансиска корист од сè. Никој од нас не поседува фудбал и не е до ФИФА да го продаде“, рече тој во соопштението на УЕФА.
Покрај тоа, во текстот се истакнува дека, доколку проектот се реализира, Инфантино би можел да ја преземе улогата на извршен директор на новата компанија.
„Неговата плата за позицијата сè уште не е утврдена, но нашите извори велат дека би можела да биде на ниво на комесар на НФЛ, кој заработува околу 64 милиони долари годишно, приближно десет пати повеќе од сегашната плата на Инфантино“, се вели во соопштението на УЕФА.
Foto/ Depositphotos