Во Трубарево денеска беше отворена нова детска градинка „Кокиче“.
„ Со огромна чест и гордост ја пуштивме во употреба новата детска градинка „Кокиче“, капитален проект кој повеќе децении беше желба и потреба на жителите од ова населено место. Денес тоа што долго се чекаше, конечно стана реалност. Изградивме современа детска градинка на површина од 720 квадратни метри, со пространи и функционални занимални, административни простории, современа кујна и сите неопходни услови за безбеден, квалитетен и среќен престој на најмладите“, соопшти градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Додаде дека во градинката ќе бидат згрижени повеќе од 60 деца.
Вредноста на инвестицијата изнесува 47.000.000 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Гази Баба, додека опремувањето на градинката беше реализирано со средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Стефковски, исто така, кажа дека во тек е изградбата на детски градинки во Инџиково и помеѓу Маџари и Керамидница, а во тек е постапката за избор на економски оператор за изградба на нова детска градинка во Сингелиќ.