Од специјалниот известувач од Вимблдон, Ненад Живановски-Столиќ
Лина Ѓорческа продолжува со одличната игра и низот на победи на квалификациониот турнир за Вимблдон. Денеска таа ја победи Португалката Франциска Жорге со 2-1 во сетови. Во атмосфера во која освен противничката, која поведе во првиот сет, и времето беше голем предизвик да се издржи и одигра целиот меч, нашата тенисерка се покажа како поиздржлива и желна за победа.
Веднаш по мечот, во својата изјава за Макфакс, на тоа посочи и Ѓорческа:
„Денешниот меч беше потежок од вчерашниот. Начинот на кој играше португалската тенисерка беше потежок за мене, затоа што таа игра многу рамно на оваа подлога и потешко е да се справите со тие длабоки, а брзи топки. Исто така и времето денеска беше страшно топло – но, јас сум дете од Тетово, така што можам да се носам и со ваквите временски услови. И претходно сум играла на ваква температура и сум успевала да издржам. Едното и другото во комбинација го правеа многу тежок денешниот меч, но штом се заврши со победа, јас сум среќна.“
Како се чувствува пред утрешниот меч, би го нарекле меч на кариерата. Дали со тренерот Димитар Лабудовиќ ќе подготват посебна тактика за Италијанката Луција Бронзети (127. на ВТА), или ќе ја игра својата игра, а противничката да се прилагодува на неа?
„Сега во моментов се чувствувам одлично. Немам никакви физички или здравствени проблеми кои би ме оптеретувале пред утрешниот меч. Најчесто си ја терам својата игра, меѓутоа секогаш имаме и некој наш начин и шеми со тренерот, да го погледнеме следниот противник, и после тоа да се договараме како да играм. Сепак, мислам дека сè зависи од мене.“
Иако е на чекор од остварување на сонот, Лина не остава впечаток дека ја обземала голема еуфорија, која, можеби, е поприсутна кај едноцифрената македонска публика, која овие два дена силно ја поддржува од трибините во Роухемптон.
„Не гледам на мечот како таков, туку како и на секој друг меч кој сум го играла било во Скопје или во Србија. Се обидувам да не се оптеретувам од неговата важност.“ – смирено, но самоуверено, го заврши најдобрата македонска тенисерка разговорот за Макфакс во Лондон.
Наредниот меч се игра во четврток, околу 14 часот по македонско време.