Ликовната изложба „Ехо“ на авторката Ана Ивановска ќе биде отворена денеска, во 19 часот во галеријата Прима Центар Берлин, Германија.
„Ехо“ е визуелно истражување на трагите што глобалните настани ги оставаат врз поединецот и општеството. Пандемијата, војните и кризите создадоа чувство на неизвесност, страв и отуѓеност, но и потреба за преиспитување и внатрешна промена. Преку фотографија, фотомонтажа и инсталација, делата ги одразуваат емоционалните и психолошките состојби на современиот човек, поттикнувајќи размислување за личната и колективната трансформација.
Повторувачките мотиви на маски, ракавици и човечки фрагменти стануваат симболи на ограничувањата, ранливоста и прекинатата комуникација, додека делата со поинтимен карактер ги отвораат прашањата за телото, идентитетот, мајчинството и личното искуство. Во контраст на овие состојби, органските и космички форми во дел од работите упатуваат кон исцелување, внатрешен мир и повторно поврзување со природата.
Како ехо на современото време, проектот се движи помеѓу стравот и надежта, потсетувајќи нè дека и во периоди на неизвесност постои можност за трансформација, блискост и пронаоѓање нова смисла.
Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2006), каде што ги завршила и постдипломските студии (2011). Од 2006 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и е коосновач на уметничките групи Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и МОМИ.
Досега реализирала 24 самостојни и околу 200 групни изложби во Македонија и странство. Добитничка е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник (2008), наградите на ДЛУМ за вајарство (2017) и нови медиуми (2020), како и наградата „10 Best World Artists“ на BIEAF во Бусан, Јужна Кореја (2025).
Остварила уметнички престои во Белград, Истанбул, Њујорк, Париз, Виена, Берлин, Тирана, Корча и Скопје. Во својата уметничка практика комбинира различни медиуми, како што се инсталацијата, објектот, скулптурата, сликарството, видеото и цртежот. Во својата работа ги истражува односите меѓу природата, поединецот и општеството, создавајќи дела што поттикнуваат размислување за егзистенцијата, трансформацијата и човековата поврзаност со светот.