Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, во почетокот на месец март 2026 година го објави традиционалниот интернационален стрип конкурс „Велес 2026 – Златен стрип“. Како дел од реномираниот Меѓународен стрип салон, оваа манифестација годинава бележи силен бран на интерес, особено преку интензивираната соработка со основните, средните и приватните училишта, како и со ликовните студија ширум државата.
Стручниот соработник на Стрип центарот, Томе Трајков, вели дека атмосферата околу овогодинешниот конкурс може да се опише како „Светот црта – Велес изложува “. Оваа манифестација е епицентар на македонскиот стрип, со докажан интернационален авторитет водејќи ги младите автори по патот од првата линија до првата изложба.
Тој посочува дека младите сè повеќе се свртуваат кон деветтата уметност, поттикнати од наставниот кадар кој израснал во ера на голема популарност на стрипот кај нас. Создадена е заедница која расте, стрипот се развива низ цела Македонија, а не е заборавена ниту метрополата, од каде што редовно пристигнуваат доста квалитетни дела.
„Се свртуваме кон сите средини во државата, овозможувајќи им на учениците да се изразат на својот мајчин јазик. Интересот е навистина голем бидејќи стрипот им припаѓа на сите граѓани на државата. Тоа континуирано трае околу 80 г .Ги потсетуваме сите заинтересирани автори дека годинашниот стрип конкурс е отворен за пријавување до 1 август 2026 година. Иднината на стрипот се црта тука“, изјави Трајков.
Предизвиците со формалното образование
Трајков направи паралела со регионот, нагласувајќи дека во Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, додека во Бугарија тој е веќе дел од високото образование. Наспроти тоа, кај нас образовниот систем сè уште заостанува, иако има мали придвижувања. Сепак, Стрип центарот не чека институционални решенија – преку интензивна и континуирана соработка со училиштата, стрипот веќе наголемо е навлезен помеѓу учениците насекаде низ Македонија.
„Кај нас работите минимално се придвижија во насока стрипот да се вклучи барем во рамките на часовите по ликовно образование. Сепак, тој сè уште не се изучува како посебен предмет, ниту во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн ‘Лазар Личеноски’ во Скопје, ниту пак на Факултетот за ликовни уметности. И покрај ова, младите таленти кои се школуваат тука се нашето иницијално јадро. Оваа силна стрип заедница веќе масовно и успешно учествува на разни стрип конкурси и фестивали во земјата и во странство“, објаснува Трајков, додавајќи дека токму во овие млади луѓе лежи светлата стрип иднина.
Темел и чувар на македонскиот стрип идентитет
Реномето на традиционалниот Стрип салон во Велес континуирано расте на глобално ниво, при што самиот стрип конкурс е само еден сегмент од оваа комплексна и сеопфатна манифестација. Во рамките на тие подготовки, успешно течат и активностите за традиционалната меѓународна стрип колонија во Велес, којашто оваа година ќе биде исклучиво наменета за жени авторки. Преку оваа куќа на уметноста, Македонскиот стрип центар постојано ја збогатува интернационалната соработка, позиционирајќи ја земјава на светската стрип мапа.
„Нашата мисија оди подалеку од кампањска работа.Без лажна скромност, овие манифестации и проекти ја пишуваат и чуваат историјата на македонскиот стрип. Ние ги чуваме оригиналните табли на македонските доајени и создаваме писмена документација која ќе остане во националните библиотеки за идните генерации. Овие манифестации го носат светот во Македонија и ги претставуваме македонските автори пред глобалните стрип асоцијации. Стрипот не е само поп-културен тренд, тој е сериозен дел од македонскиот национален идентитет,“ дециден е Трајков.
За успехот и масовноста на оваа манифестација најдобро говорат бројките. На претходниот стрип конкурс се пријавиле рекордни 396 автори од целиот свет. На годинашниов конкурс досега веќе се пријавени дела од околу 300 автори од земјата и странство, од кои речиси две третини ѝ припаѓаат токму на македонската стрип заедница. Годинава стручното жири ќе има претешка задача: да избере само три победници од стотици светски пријави.. завршува Трајков