Панел дискусија во Diamond Mall: Македонското музичко издаваштво има потенцијал, но потребни му се поддршка, инфраструктура и видливост


Foto 1_Panel diskusija_diamond_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Музичкото издаваштво во Македонија е витално и потентно, а неговиот иден развој ќе зависи од системското препознавање на неговите вредности, од достапната инфраструктура и мрежа за дистрибуција и од свеста за поголема промоцијата на домашната музичка продукција. Ова е генералниот заклучок на Панел дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – лет во место?“, посветена на актуелната состојба, предизвиците и можностите за развој на домашното музичко издаваштво, која се одржа во Diamond Mall во рамки на второто издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема.

Модератор на дискусијата беше музичкиот новинар и долгогодишен хроничар на македонската музичка сцена Љупчо Јолевски, а учество земаа Тошо Филиповски (Corpus Delicti Records), Бојан Коцевски (Q Records), Зоран Митровиќ (Чув Де Чув Рекордс), Душан Ристовски (Duris.MK) и Марко Печеновиќ (изд. куќа Мртов коњ).


Панелистите се согласија дека музичката издавачка дејност треба да се третира еднакво како и другите дејности од културата, а данокот на додадена вредност и кај неа да се намали од 18% на 5%. Иако беше заклучено дека од 2020 година наваму алтернативната музичка сцена доживува подинамичен развој, за тој да не остане само инцидентна појава, неопходно е исполнување на неколку услови – развој на инфраструктурата и продажната мрежа низ целата држава, препознавање на значењето на музичката сцена од страна на институциите и заедничка посветеност за поголема видливост, и од страна на бендовите и од страна на медиумите. Дел од учесниците забележаа дека македонската музичка сцена доживува поголема афирмација и валоризација во регионот, отколку во државава.

Со организирањето на овој панел во рамки на саемот, Diamond Mall овозможи една тема која ретко добива јавен простор да биде ставена во фокусот на јавноста. Наместо музиката да биде само предмет на забава, таа беше разгледувана и како културна вредност и како дел од современиот идентитет на општеството.

Годинашното издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема прерасна во многу повеќе од само изложбено-продажен настан. Покрај промоциите на нови албуми, винил изданија, аудио опрема и музички содржини, посетителите имаа можност да слушнат и упатени ставови, искуства и идеи од автори и ентузијасти кои со години активно ја создаваат и документираат македонската музичка сцена.

Со тоа, Diamond Mall уште еднаш покажа дека може да биде место каде што се среќаваат публиката, авторите, индустријата и културата, создавајќи простор за содржини кои не само што привлекуваат посетители, туку отвораат важни теми и поттикнуваат нови иницијативи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK