Европските берзи денес се во пад, при што суровата нафта од типот „Брент“ се искачи на речиси 98 долари за барел, додека пазарите се под притисок поради намерата на САД да воведат нови тарифи за 60 трговски партнери, вклучувајќи ја Европската Унија, Кина и Јапонија.
Според податоците од берзата во 9:30 часот наутро, цената на суровата нафта се зголеми за 2,31 процент на 95.906 долари, а на нафтата од типот „Брент“ за 2,01 процент на 97.832 долари.
Германскиот DAX е во пад за 0,77 проценти, како и францускиот CAC 40, за 0,46 проценти, FTSE 100 за 0,31 процент, а московскиот MOEX за 0,15 проценти.
Според предлогот на Вашингтон, дополнителните царински давачки би можеле да достигнат 12,5 проценти за земјите кои, според Вашингтон, не презеле доволно мерки за да го спречат увозот на стоки произведени со принудна работа, објавува CNBC.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир изјави дека најголемите трговски партнери на САД не одговориле соодветно на проблемот со производите создадени со принудна работа, што, како што изјави, ги става американските работници во неповолна конкурентска позиција на глобалниот пазар.
Во текот на денот, инвеститорите ќе ги следат и новите макроекономски податоци, вклучувајќи го Индексот на менаџери за набавки (PMI) во Шпанија, податоците за невработеноста и деловната доверба во Русија, како и податоците за бруто домашниот производ на Австрија.
Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата денес е 1,16147 долари.
Цената на златото падна како и цената на пченицата, пренесува Танјуг.