Матичните лекари можат да пропишуваат фластери и никотински гуми за џвакање, додадени се како лек за одвикнување од пушење  


screenshot_28-5-2026_114034_www.facebook.com_.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Здравствените власти ќе ги зајакнат услугите за откажување од пушење, најави денес министерот за здравство Азир Алиу во рамки на одбележување на Светскиот ден без тутун 2026 година. Министерот најави дека ќе почнат координирани активности на сите институции кои можат да придонесат за откажување од пушењето.


„Во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Центрите за јавно здравје, локалната самоуправа и локалните здравствени домови почнуваме активности за зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво. Поголема достапност на советувалиштата што ги имаме на локално ниво со цел откажување од пушење, зајакнување на системот за упатување како и континуирана поддршка на овие лица, со посебен фокус на младата популација во нашата држава“, рече министерот Алиу и извести дека годинашното мото на СЗО за означување на Светскиот ден без тутун е “Разоткривање на привлечноста, спротивставување на зависноста од никотин и од тутун“.

Како значајна новина во нашиот здравствен систем министерот Алиу потсети дека првпат во есенцијалната листа на лекови се додадени лекови за одвикнување од пушење.

„Министерството за здравство ја ажурираше есенцијалната листа на лекови и во неа се првпат ставени лекови за одвикнување од пушењето и контрацептивни средства. Тоа се фластери и никотински гуми за џвакање. Целта е да се зголеми нивната достапност во нашата држава, потребата од нив да биде препознаена кај јавноста и кај фармацевтските компании, да се користат и да може матичните лекари да ги пропишуваат“, рече министерот Алиу.

Аким Али од СЗО потсети на резултатите од последните истражувања кои покажуваат дека 14 од секои 100 млади сега, употребуваат тутун, а 9 % од нив употребуваат електронски цигари. „Тоа што нема чад не значи дека нема штета. Не е доволно да зборуваме само за свесноста кога зборуваме за никотинската зависност, подеднакво важно е да преземеме акција. Забранете ги вкусовите, спасете животи, дозволете да се бориме против никотинската зависност во земјата“, повика Али.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска кажа дека состојбата со употреба на тутун кај нас е загрижувачка.

„Според резултатите на ИЈЗ од истражувањето во 2023 година во соработка со СЗО, дури 45,4 % од возрасната популација се изјасниле како активни пушачи. Исто така истражувањето што го правевме во сите училишта, кај деца на возраст до 16 години исто така покажува висок процент. Процентот е значително над европскиот просек кој изнесува 25%. Дополнително загрижува и фактот што пушењето кај нас во голема мера се смета за општествено прифатлива појава, а само 17 % од граѓаните во Македонија изразуваат неодобрување кон пушењето. Употребата на тутун е директно поврзана со бројни заболувања меѓу кои кардиоваскуларните, хронично белодробните, мозочниот удар, разни видови малигни заболувања, проблеми со бременоста и слично. Никотинот создава силна зависност поради што многу луѓе тешко успеваат да се откажат од пушењето дури и кога се свесни за последиците“, рече директорката Андоновска.

Најновите анализи од СЗО Андоновска вели дека покажуваат дека употребата на тутун ја оптоварува Македонија со трошоци за околу 38 милијарди денари на годишно ниво, а тоа е доволен знак за сите институции за навремено и континуирано вложување во мерки и активности за контрола на тутунот.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK