Со овации, трчање во три круга околу бината и силен емотивен прием од белградската публика, македонската кантавторка Дина Јашари го одбележа настапот на платото пред Музејот на Југославија во Белград, како дел од 9. издание на манифестацијата „Leto u MuzeYU“ по повод Денот на младоста.
Настапот се одржа точно една година по објавувањето на нејзиниот деби-албум „Растенија без корен“, а Дина симболично го одбележа моментот со трчање три круга околу бината — гест инспириран од традицијата на Денот на младоста и штафетата, по што следуваа долги овации од публиката.
Во рамки на програмата настапија и хрватскиот состав Немечек и српскиот бенд Љубичице — тројца добитници на регионалната награда „Милан Младеновиќ“, која Дина Јашари ја освои во 2022 година со песната „Дома“. Концертната вечер донесе силна регионална поврзаност и современ музички израз пред неколку илјади посетители на платото пред музејот.
Белградскиот концерт беше дел од регионалната турнеја на „Растенија без корен“, која претходно помина низ Љубљана и Подгорица, а продолжува и во Хрватска во рамки на SURF Festival на островот Крк.
фото/Страхиња Аќимовиќ