Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека Украина ја изградила најсилната и најмоќната армија во Европа, истакнувајќи го борбеното искуство на земјата и тешките загуби што ги претрпеле руските сили за време на војната.
Во разговор за „Фокс њуз“ за време на патувањето во Кина, Рубио изјавил дека украинските вооружени сили се развиле во најспособна борбена сила на континентот, и покрај поголемата популација и воени ресурси на Русија, пишува „Јунајтед24 Медиа“.
„Русите месечно губат петпати повеќе војници од Украинците“
„Ако се погледне, Русите месечно губат петпати повеќе војници од Украинците, иако Украина е помала земја со помала армија“, рекол Рубио.
„Сепак, треба јасно да се каже дека украинските вооружени сили во моментов се најсилни и најмоќни во цела Европа. Тоа, секако, во голема мера е благодарение на помошта што ја добија, но и на борбеното искуство што го стекнаа“, додал тој.
Рубио ги опиша и огромните човечки и економски жртви од војната за двете земји, нагласувајќи дека Русија и натаму трпи големи загуби на бојното поле.
„Русите губат од 15 до 20 илјади војници месечно — загинати. Не ранети, туку загинати“, изјавил тој.
Воедно призна дека динамиката во преговорите во последните месеци забавила.
„За жал, во последните неколку месеци изгубивме дел од замавот од различни причини. Украинците се сè посигурни во своите позиции на бојното поле, ја преживеаја зимата, а и Русите чувствуваат одреден оптимизам поради растот на цените на нафтата“, објаснил Рубио.
Сепак, американскиот државен секретар изјави дека Вашингтон се надева дека и Москва и Киев на крајот повторно ќе седнат на преговарачка маса.
„Но се надеваме, било поради изјава на Владимир Путин или поради некои други причини, дека наскоро ќе дојдеме до точка во која двете страни повторно ќе се вратат на преговори“, заклучил тој.
Во меѓувреме, Украина своето искуство со беспилотни летала сега им го нуди и на други земји. Тоа било демонстрирано на неодамнешните шведски воени вежби „Аурора 26“, каде што украински оператори покажале како FPV-дронови можат брзо да ги нарушат копнените единици на НАТО.
Според извештаите, украинските FPV-пилоти повеќепати ги пробиле шведските позиции, поради што обуката морала да биде прекинувана неколкупати за шведските единици да можат да ја прилагодат својата тактика.
Еден украински оператор со повикувачки знак „Тарик“ потврдил дека вежбите биле прекинувани за шведските сили повторно да го проценат своето дејствување.