За Светскиот ден на пчелата, Гевгелија обедини дипломати, пчелари и млади


697196334_977146691370027_1257248597442200131_n.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како домаќин на централното одбележување на Светскиот ден на пчелата, Гевгелија уште еднаш ја потврди својата улога како град кој активно ги промовира еколошките вредности и одржливиот развој, испраќајќи силни пораки за значењето на пчелите во зачувувањето на природата и глобалната безбедност на храната. Настанот се одржа под мотото „Bee the SDG Solution – Solution for Sustainable Development“, во организација на АДРА Македонија, Амбасадата на Словенија, Пчеларската федерација и Општина Гевгелија, со учество на институции, пчелари, дипломати, ученици и граѓани.

Во рамки на програмата, денот започна со посета на пчеларската фарма „Алчинов“ во Мрзенци, каде гостите имаа можност да се запознаат со македонската пчеларска традиција и современите практики во оваа дејност, по што следуваше прием на делегација составена од организаторите кај градоначалникот на општина Гевгелија и официјалниот дел од одбележувањето на Градскиот плоштад, исполнет со обраќања, едукативни содржини и културна програма.


Во своето обраќање, градоначалникот Сарамандов истакна:

– Со спојот на медитеранската и континенталната клима, Гевгелија претставува одлично поднебје за развој на пчеларството, а од 2022 година располага и со современ апи-тераписки центар со традиционален пристап. Денес им оддаваме почит на пчеларите, луѓето кои со својот труд, знаење и посветеност, ја продолжуваат оваа благородна традиција.

Амбасадорот на Словенија, Н.Е. Грегор Прескер, потсети:

– Словенија упати јасна порака – пчелите не се само дел од нашата традиција, туку незаменлив дел од опстанокот на живиот свет. Се смета дека секој трет залак храна кој го конзумираме, зависи токму од нив. Заштитата на пчелата не е само еколошко прашање, туку прашање за иднината и одговорноста кон планетата.

За поддршката на пчеларскиот сектор говореше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој истакна:

-Во југоисточниот дел има над 22.000 пчелни семејства кои сведочат за љубовта кон оваа дејност. Како Министерство остануваме посветени на развојот преку финансиска поддршка и едукација. Минатата година објавивме и повик за инвестиции во современа опрема во пчеларскиот сектор.

Претседателот на Пчеларската федерација, Игор Илков, изјави:

– Овде е детерминирана најчистата генетска линија на автохтоната медоносна пчела и е регистрирано првото здружение ‘Нектар’ од 1950 година. Во тек е и регистрација на првиот репроцентар за пчелни матици од подвидот Apis mellifera macedonica, со што ја ставаме Гевгелија на светската мапа.“

Особено внимание привлече учеството на децата и младите, кои преку перформансите „One Flight“, „Honey Post“ и „Honey Oath – From Triglav to Vardar“ испратија пораки за заедништво, грижа за природата и важноста на пчелите за животот на планетата. Посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбата на ученички творби и тематскиот штанд „The Hive – Wisdom from the Past“.

Настанот беше заокружен со настапи на културно-уметнички друштва од Гевгелија и со доделување награди за најдобрите ученички творби, со што уште еднаш беше потенцирана пораката за заедничка одговорност во заштитата на природата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK