Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, соопшти дека денеска се одржа седница на Локалниот совет за превенција во проширен состав, посветена на состојбите со безбедноста во училиштата, превенцијата од меѓуврсничко насилство и унапредувањето на сигурноста во воспитно-образовниот процес.
Седницата била свикана по неодамнешниот инцидент во основното училиште во населба Ченто, при што Локалниот совет за превенција најостро и безрезервно го осудил секој вид насилство, истакнувајќи дека насилството е апсолутно неприфатливо и дека за него не постои никакво оправдување.
„Истовремено, на седницата беше констатирано дека станува збор за изолиран случај и дека генералната безбедносна состојба во училиштата на територијата на Општина Гази Баба, вклучително и во конкретното училиште, е на високо ниво, при што континуирано се преземаат мерки и активности за заштита на учениците и одржување безбедна училишна средина“, објави Стефковски.
Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба презеде обврска и во наредниот период активно да иницира и реализира активности, јавни дебати, едукативни настани и превентивни кампањи со цел подигање на јавната свест и создавање безбедна и здрава средина за децата и младите.